• среда, 25 декември 2024

Претреси во Скопје, приведен дилер на дрога, ќе биде запленет имот вреден над 600.000 евра

Претреси во Скопје, приведен дилер на дрога, ќе биде запленет имот вреден над 600.000 евра

Скопје, 14 јануари 2024 (МИА) - Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материјали заедно со СВР Скопје - Единица за недозволена трговија со дрога, САЕ Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по насоки од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спровеле криминалистичко истражување од септември 2023 до јануари 2024 година за Р.К. (45) од Скопје, кој претходно бил осуден и издржал казна затвор од 15 години за продажба на дрога.

Од МВР денеска соопштија дека во текот на истрагата обезбедени се материјални докази и утврдено е дека Р.К. набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал по цена од 3000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Во текот на истрагата, се посочува во соопштението, обезбедени се докази дека Р.К. продавал дрога на поголем број лица.

- На 14.01.2024 во координација со САЕ Тигар во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и др., а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога, стои во соопштението од МВР.

По приемот на кривичната пријава, во текот на утрешниот ден, информираат од МВР, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

- Во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби, соопшти МВР. цр/вг/

Фото и видео: МВР

Остани поврзан