• сабота, 23 ноември 2024

Пресудите за новинар на Фокус за „27 април“ на тест пред Уставен - Кацарска тврди дека им се повредени правата на новинарите

Пресудите за новинар на Фокус за „27 април“ на тест пред Уставен - Кацарска тврди дека им се повредени правата на новинарите
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Двете пресуди од Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје со кои новинарот Влатко Стојановски од Фокус, беше одбиен и не му е утврдена повреда на неговите права како новинар во Собранието за време на „крвавиот четврток“ се под знак прашалник. Уставниот суд денеска на седница расправаше по неговото Барање за слободи и права и предлогот на судијата Осман Кадриу да се одбие барањето за заштита на слободите и правата, кое Стојановски го поднесе преку адвокатот Филип Медарски, не го доби мнозинството. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска аргументираше дека нема да се согласи со двете пресуди на Граѓанскиот и Апелациониот суд, бидејќи според неа, правото на новинарите да известуваат од 27 април е повредено, а државата не ги заштитила. Кацарска се повика на праксата на Судот во Стразбур и Европската конвенција за човекови права( ЕКЧП), според која, државите се обврзани да создадат поволна средина за да им овозможат да ги изразат нивните идеи без страв. Таа на седницата праша дали треба да зборуваме дека кај новинарите постоел страв. - Не е точно дека државата нема пропусти во овој случај, може да прифатам дека државата нема вина и треба да се грижи за здравјето на луѓето само доколку ова се случеше надвор од Собранието, но овој акт на насилство се случува во зградата на Собранието. Повредено им е правото оти се новинари - таму се за да известуваат тоа е нивно право. Им се одземаат мобилните телефони да не може да известуваат им се кршат камерите, се тепаат се бркаат, ги групирале во „наши” и „ваши”, оние кои беа „нивни” новинари слободно се шетале, другите  се малтретирани, затоа што Влатко Стојановски бил новинар од Фокус му било оневозможено да известува, рече Кацарска. Судијата Осман Кадриу кој беше судија-известител и даде предлог да се одбие барањето на новинарот Стојановски, аргументираше дека пресудите од Граѓанскиот и Апелациониот суд биле засновани на важни и решавачки факти. - Овде од страна на државата нема вина да нема ништо преземено за да се овозможи тоа што е предвидено кога станува збор за вршење на новинарската одговорност, затоа што станува збор за вонредни околности кои беа преземени такви физички недозволени дејствија со кои дел од присутните лица беа физички нападнати, како Заев, Шеќеринска, Села и другите. И од таа гледна точка, актот на судот кој се оспорува има издржани аргументи дека не може да стане збор за повреда на правото на кое се повикува новинарот, рече тој. Судијата Дарко Костадиновски делумно се согласи со претседателката Добрила Кацарска, но сепак на крај заклучи дека сите кои се нашле внатре биле во иста ситуација, не биле дискриминирани само новинарите. - Се согласувам со вашиот став дека е ова школски пример на затајување на државниот апарат ако надлежните беа на нивната задача на нивните обврски за кои примаат плата од народот. Дека има вина државата немам дилема, но имам дилема дали подносителот е во право кога тврди дека му е повредено правото за слобода на изразување на мислата во такви околности, кажа судијата Костадиновски. Предлогот за одбивање на барањето на новинарот Стојановски не доби поддршка, односно вкупно пет гласа, и ќе се најде на седница кога Уставниот суд ќе има нови судии и полн состав. Во иницијативата на новинарот Влатко Стојановски се наведува дека со пресудите на двата суда, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство). Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од ЕКЧП се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27.04.2017 година. Тој смета дека судовите и пресудите во кои се одбива неговото барање не ги земале предвид директните напади кон него кои му се случиле критичниот момент. дма/сп/

Остани поврзан