Пресудата за „ТНТ-рушење на КОСМОС“ е неиздржана, истакна одбраната на јавната седница во Апелација
- Во пресудата за „ТНТ-рушење на КОСМОС“ има повеќе повреди на кривичната постапка и пресудата е неиздржана, истакна одбраната на обвинетите во случајот на денешната јавна седница во Апелациониот суд Скопје.
Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Во пресудата за „ТНТ-рушење на КОСМОС“ има повеќе повреди на кривичната постапка и пресудата е неиздржана, истакна одбраната на обвинетите во случајот на денешната јавна седница во Апелациониот суд Скопје.
Откако Судот ја прочита пресудата на Основниот кривичен суд Скопје со која првообвинетиот Никола Груевски (во бегство), беше прогласен за виновен и го осуди на девет години затвор, на три години затвор го осуди поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, а по четири години затвор добија поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски и обвинетата Елизабета Најдовска, обвинетите ги прочитаа жалбите, според кои, како што наведоа, има повеќе повреди на кривичната постапка, а пресудата е неиздржана.
Обвинетите и нивните бранители, исто така, посочија оти сметаат дека изречената пресуда не е напишана од тогашниот претседател на Судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев, бидејќи, според нив, истата не се совпаѓа со стилот на конкретниот судија и дека во неа е содржано нешто, што, како што велат, воопшто не се случило во судницата.
Жалби за оваа пресуда има поднесено и ОЈОГОКК поради погрешно утврдена фактичка состојба, ослободителен дел со предлог Апелација да ја преиначи одлуката.
Според обвинителниот акт поднесен од поранешното СЈО, во временскиот период од 01.04.2011 година до крајот на 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски, во својство на премиер на Владата и обвинетиот Миле Јанакиевски – министер за транспорт и врски, заеднички со цел да му се одмаздат на оштетениот Фиат Цаноски за неговата политичка одлука, кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичката партија СДСМ, искористувајќи ја нивната реална моќ со умисла го поттикнале обвинетиот Тони Трајковски, тогашен градоначалник на општина Гази Баба, да стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” и да тој ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект Космос што бил граден од оштетениот-инвеститорот оштетениот Фиат Цаноски.
Првото рочиште за овој случај во Основен кривичен суд Скопје беше одржано на 24 јануари 2018 година. Судењето за овој предмет го водеше судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Бурим Рустеми. ар/бак/