• вторник, 26 ноември 2024

Пренџов: Пописот се уште не е завршен

Пренџов: Пописот се уште не е завршен
Скопје, 31 март 2022 (МИА) - Пописот се уште не е завршен, не е комплетиран и не може повеќе од 130 илјади граѓани да останат непопишани во едно мултикултурно општество, изјави денеска пратеникот Љупо Пренџов од ГРОМ. Кога таа операција ќе се заврши, тогаш, како што рече, може да се даваат сеопфатни оценки на првите, генерални бројки. - Повеќе од 130 илјади луѓе да не ги попишете која националност се, а притоа да знаете за нив дали имаат високо, средно или основно образование, кој е доктор, адвокат, општ работник, а само да не знаете на која етничка заедница припаѓа, кој му е мајчин јазик и кој јазик го зборуваат дома во семејството, тоа е јаболко на раздорот, кое свесно се пушта од страна на Владата, рече Пренџов. Порача веднаш да организираат работни групи, луѓе кои ќе ги посетат овие 130 илјади граѓани и да им објаснат дека за нив се знае се, а не се знае само етничката припадност и вероисповеста. Тогаш, како што рече, ќе имаме релевантни бројки на Пописот. Пренџов апелираше Пописот да не се злоупотребува, да не се прави дека е меѓуетнички. Според него, Пописот се однесува на резидентно населението, а не на дијаспората. мд/ац/

Остани поврзан