• сабота, 23 ноември 2024

Премиерот на Хаити пристигна во Порторико во време кога илјадници луѓе во неговата земја беа принудени да ги напуштат своите домови

Премиерот на Хаити пристигна во Порторико во време кога илјадници луѓе во неговата земја беа принудени да ги напуштат своите домови

Сан Хуан, 6 март 2024 (МИА) - Премиерот на Хаити, Ариел Анри синоќа пристигна во Порторико по реакциите зошто се уште не се вратил во својата земја, каде што ескалацијата на насилството на бандите се заканува да ја собори неговата влада и веќе принуди илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.

Канцеларијата на гувернерот на Порторико потврди дека Хенри пристигнал во главниот град Сан Хуан. Локалните медиуми објавија дека Доминиканската Република, која го дели островот Хиспаниола со Хаити, претходно одбила да дозволи неговиот авион да слета.

Ариел Анри, кој ја презеде власта по атентатот на претседателот Џовенел Мојс во 2021 година, е надвор од земјата поради насилството што избувна минатата недела.

Во меѓувреме, вооружените групи го искористија неговото отсуство, влегоа во престрелка со полицијата на главниот меѓународен аеродром на Хаити во понеделникот и организираа масовно бегство од двата најголеми затвори во земјата.

Како што пренесуваат странските агенции, дури и на декретот за прогласување вонредна состојба и полициски час за воспоставување ред нема потпис на Анри. Тој беше потпишан од неговиот министер за финансии, кој ја извршува функцијата премиер.

„Тоа е прашање од милион долари“, рече Џејк Џонстон, научен соработник во Вашингтонскиот центар за економски и политички истражувања.

„Фактот што тој не ја ни отвори устата од почетокот на насилството поттикна секакви шпекулации“, рече Џонстон.

Вчера попладне мистеријата се чини дека е отстранета откако официјални лица објавија дека Анри слетал во Порторико. Тој пристигна доцна попладне во Сан Хуан со чартер лет од Њу Џерси. Според податоците од локациите за следење на летот, авионот се движел кон Доминиканската Република, која го дели островот Хиспаниола со Хаити, но се пренасочил кон Порторико.

Неколку часа пред авионот да пристигне во Порторико, владата на Доминикана објави дека веднаш го прекинува целиот воздушен сообраќај со Хаити.

Во меѓувреме, Џими Шеризие, поранешен елитен полицаец кој раководи со сојузот на банди, кои ја презедоа одговорноста за нападите, синоќа повтори дека неговата цел била да го блокира враќањето на Анри во земјата и да го принуди да поднесе оставка. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан