• среда, 02 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Премиерно прикажан филмот „Промени го крајот на нечија приказна" посветен на трансплантацијата

Премиерно прикажан филмот „Промени го крајот на нечија приказна

Скопје, 26 март 2025 (МИА) - Со испраќање пораки за подигнување на свеста за донирање органи во земјава, синоќа во МКЦ во киното Фросина премиерно беше прикажан документарниот филм „Промени го крајот на нечија приказна“. Документарецот е продуциран во рамки на проектот „Поддршка на системот за трансплантација" финансиран од Европската Унија.

Според националната координаторка за трансплантација и донирање органи Билјана Кузмановска, овој филм е повеќе од само приказна - тој е сведоштво за храброста на пациентите, великодушноста на донаторите и посветеноста на медицинските професионалци кои го овозможуваат дарот на животот.

- Секој ден, илјадници луѓе чекаат втора шанса - шанса да живеат, да напредуваат и да споделат повеќе моменти со своите сакани. Сепак, премногу животи се изгубени поради недостигот на достапни органи. Овој документарец фрла светлина на таа реалност, но носи и надеж. Не’ потсетува дека преку свесност, едукација и акција, можеме да ги промениме животите. Ве повикувам сите да гледате со отворени срца и умови. Дозволете овој филм да инспирира разговори, да поттикне донирање органи и да го зајакне неверојатното влијание на трансплантацијата. Заедно, можеме да направиме разлика, еден по еден живот, истакна Кузмановска.

Раководителот на Програмата за трансплантација од Министерството за здравство, Адријана Георгиев, нагласи дека ова е филм за тоа како органодонорството ги менува животите на сите нас.

- Би сакала да се заблагодарам на три млади жени кои беа инспирација за овој филм, но и инспирација за тоа како во животот треба да не’ водат емпатијата, добрината, сочувството и љубовта. Нивната одлука да ги донираат органите од нивната мајка спасија неколку животи, а на сите нас ни покажаа како и најтешките мигови некогаш можат да изродат добрина. Овој филм им е посветен на нив. Посветен е на нивната мајка и на сите останати донори и на нивните семејства кои во моменти на најголема така одлучија да ги донираат органите и да спасат нечиј живот. Филмот е посветен на сите пациенти кои чекаат на листите за трансплантација и на сите оние кои добија орган од починат дарител. На луѓето како Емилија која ни беше инспирација да ја започнеме приказната со трансплантацијата на срце и да не се откажуваме дури и кога се чини декка е најтешко. Таа е една од оние луѓе кои ни покажуваат како е да се сака животот. Благодарност до делегацијата на ЕУ која ја препозна нашата работа и ни помогна не само да го снимиме овој филм туку и да го реализираме целиот проект за Поддршка на системот за трансплантација во земјава, рече Георгиев.

Во режија на Христина Ѓорѓиевска и во продукција на „ВИДИ ВАКА" во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија, документарецот служи како образовна алатка за отстранување на заблудите за донирањето органи и за охрабрување на граѓаните да размислат да станат донатори.

Како што соопштија од тимот на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, документарниот филм ќе биде понуден на националните телевизиски станици и другите медиуми заинтересирани да придонесат за оваа витална кауза. Дополнително, ќе биде пријавен на бројни филмски фестивали како во земјата, така и низ Европа, за да се прошири свеста за важноста на оваа животоспасувачка медицинска процедура. бт/бак/

Фото: Тим на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“

Остани поврзан