• вторник, 24 декември 2024

Премиера на филмот „Набљудување“ вечер во МКЦ

Премиера на филмот „Набљудување“ вечер во МКЦ

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Во рамките на Фестивалот на европски филм „Cinedays”, вечер во МКЦ парк кино ќе се одржи премиера на долгометражниот игран филм „Набљудување” на режисерот Јанез Бургер.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Словенија, Италија и Хрватска. Проектот е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија, Студио Виба Филм, Агенција за филм на Северна Македонија, Креативна Европа Медиа, регионалниот филмски фонд ФВГ од Италија и Министерството за култура на Италија.

Продуценти на филмот се Миха Чернец и Јожко Рутар од продуцентската куќа „Старагара“ од Словенија, а копродуценти се Борис Т. Матиќ од „Пропелер филм“ од Хрватска, Игор Принчич од „Трансмедиа“ од Италија и Роберт Јазаџиски од „Кавал Филм“ од Македонија.

Визуелните ефекти за филмот ги изработи Филмското студио за визуелни ефекти и анимација ФХ3Х од Скопје, а дизајнер на звук од Македонија е Игор Поповски.

Интернационалната премиера на филмот беше одржана во 2023 година на реномираниот филмски фестивал во Естонија, „Tallinn Black Nights Film Festival”.

Филмот е добитник на наградите „Весна” за најдобра женска улога, најдобар продукциски дизајн и најдобар звук, а беше номиниран и за наградите најдобар филм, најдобра режија и сценарио на фестивалот на Словенечки филм во Порторож во 2023 година.

Наградата за најдобар звук ја делат Јулиј Зорник и нашиот Игор Поповски. Филмот, исто така, има три номинации на филмскиот
фестивал во Трст - Италија, во категориите: најдобар филм од публиката, од жирито и од CineEuropa. На интернационалниот филмски фестивал во Софија, филмот е номиниран за наградата најдобар филм во програмата „Balkan competition”.

Филмот е инспириран од вистински настан кој се случил во Словенија, а претставува повик до секој поединец за надминување на пасивноста која денес е длабоко вкоренета во современото општество - на глобално ниво, повик за враќање на она елементарно чувство на емпатија, разбирање и помош на друго човечко суштество. бт/nd/

Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан