• среда, 25 декември 2024

Премиера на претставата „Круг“ во Прилепскиот театар

Премиера на претставата „Круг“ во Прилепскиот театар

Прилеп, 15 јули 2022 (МИА) - На сцената на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Круг“, работена според оригиналот „Дамата од Дебјук“ на Едвард Олби во режија на Јован Ристовски.  Ова е праизведба на текстот на Олби.

Според режисерот Ристовски, петставата зборува за распад кој е цел циклус, а човештвото се наоѓа на раскрсница.

-Станува збор за распад на еден брак, на еден живот, на заедницата, на едно општество. Генерално, јас тоа го гледам како распад на еден театар, на опкружувањето, на системот во кој живееме. Претставата е трагикомедија која влегува во надреализам. Луѓето станале безобразни, алчни, себични, емпатичноста е мала. Мислам дека човештвото се наоѓа на една раскрсница кога е битно итно да се преиспитаме. Тоа го има во претставата, бидејќи никој не е свесен за своите мани или доблести, вели Ристовски.

За актерите Даниела Иваноска и Игор Трпчески, претставата се поврзува со времето на пандемијата кое очекувале дека ќе не натера како луѓе да се преиспитаме како да бидеме подобри.

-Претставата многу допира во денешнината, во она што ни се случува. Надежта секогаш постои дека ќе успееме да пренесеме некои пораки, значајни во општеството и секогаш постои сомнежот колку сме успеале во тоа, вели Трпчески.

Драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска вели за авторот Олби дека е претставник на театарот на апсурдот, а кај нас е изведуван неговиот текст „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“

-Го направив преводот, а авторот е познат на театарот на апсурдот. Оваа драма е праизведба кај нас, додека неговата драма: Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е изведувана. Интересно е како авторот ја третира комуникацијата меѓу луѓето. Како борба за докажување. Помеѓу нив повеќе има дискомуникација, вели Митоска Ѓорѓиевска.

Во претставата играат Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијеска. Режисерот Ристовски е автор на сценографијата, а Лидија Митоска Ѓорѓиевска го направи пшреводот и помогна во драматизацијата. Претставата „Круг“ е трета од годинашнава  програма на прилепскиот театар. ем/бак/

Остани поврзан