• сабота, 23 ноември 2024

Преку соработка на МТСП и Кинеската амбасада отворени сезнорна соба и инклузивно игралиште во градинки во Струмица

Преку соработка на МТСП и Кинеската амбасада отворени сезнорна соба и инклузивно игралиште во градинки во Струмица

Струмица, 22 јануари 2024 (МИА) - Во градинките „Виножито“ и „Детска радост“ во Струмица денеска беа отворени сензорна соба и инклузивно игралиште преку соработка на Министерството за труд и социјална политика и Амбасадата на НР Кина во нашата земја.

Според министерката Јованка Тренчевска, посветеноста на процесот на инклузија е очигледна и за тоа е показател внимателниот избор на опрема за сензорните соби, како што се ѕидови со вода со меурчиња, тешки ќебиња и пени за терапија, секоја приспособена да одговори на различните сензорни потреби на корисниците.

-Овие простори не се само соби. Тие се безбеден простор каде секое дете може да напредува, без оглед на нивните уникатни предизвици. Нашите заеднички напори со кинеската амбасада во Република Северна Македонија доведоа до реализација на сензорни соби во Струмица, Гевгелија и Велес нагласувајќи ја глобалната важност да се работи заедно за да се создадат инклузивни средини. Дополнително, со поддршката на амбасадата обезбедивме инклузивни игралишта во Кривогаштани, Крушево и Струмица и се ова со вкупна инвестиција од 50.000 евра. Ова е доказ на нашата убеденост дека секое дете треба и заслужува да има пристап до рекреативни простори кои го поттикнуваат нивниот развој, истакна Тренчевска.

Додаде дека со програмата за капитални инвестиции за 2024 година ќе почне изградба на градинки во Желино, Струга, Долнени, Гази Баба, Карпош и Валандово, градинки за кои се издвоени 69.385.000 денари средства од буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Според Тренчевска, овие простори ќе бидат дизајнирани за да можат да значат добредојде за секое дете без оглед на неговото потекло или способности, а најави и нови 1.653 места за деца во 14 нови градинки.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо ја истакна дека преку вакви проекти се градат уште повеќе мостови за меѓусебното разбирање и пријателство меѓу двата народи.

-Промовирањето на заедничиот развој и подобрувањето на егзистенцијата и благосостојбата на народите се првичната намера и основната цел на нашата соработка, рече кинескиот амбасадор.

Градоначалникот Костадинов се заблагодари на донацијата и истакна дека како Општина постојано вложуваат и труд и сериозни средства во однос на подобрувањето на инклузијата во училиштата и на децата од предучишна возраст и генерално сеопфатна инклузија преку најразлични социјални услуги што ги дава Општината.

Тој упати огромна благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина и за придобивките коишто ги имаат преку соработката со Институтот Конфучиј, а која им овозможи на струмичките деца да учат кинески јазик. рт/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан