Преку Регионалните стопански комори на Битола и Прилеп ќе се брендираат производите од Пелагонија за пласман на домашниот и странскиот пазар
- Регионалните стопански комори на Битола и Прилеп формираа Алијанса на безбедна и здрава храна со географско потекло од Пелагонија, преку која ќе се брендираат производите во Пелагонискиот и Преспанскиот регион за подобар пласман на домашниот, како и на странските пазари.
Прилеп, 7 декември 2024 (МИА) - Регионалните стопански комори на Битола и Прилеп формираа Алијанса на безбедна и здрава храна со географско потекло од Пелагонија, преку која ќе се брендираат производите во Пелагонискиот и Преспанскиот регион за подобар пласман на домашниот, како и на странските пазари.
-Она што оваа иницијатива сака да го направи е бда ја брендираме храната која доаѓа од Пелагонија и од Преспа. Тоа значи дека, на некој начин, ќе се воспостават стандарди и регулативи кои ќе ги исполнуваат нашите компании и нашите производители и со еден печат „Произведено во Пелагонија“ тоа би требало да се пласира понатаму кон странските пазари, вели Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора.
Алијансата изгласа управувувачки совет во кој членуваат регионалните стопански комори од Битола и од Прилеп, бизнис академијата „Смилевски“, претставници од Министерството за земјоделство, како и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Управувачкиот совет, генерално, ќе го менаџира овој процес. Исто така, се формира и развоен тим во кој, покрај членовите на Управувачкиот совет, членува и Пелагонискиот плански регион, компаниите, производителите и сите заедно треба да воспостават правилник и стандарди во врска со тоа како ќе изгледаат производите во иднина.
-Сметаме дека во текот на наредната година ќе ги имаме сите работи стандардизирани. Во зависност и од поддршката од државата, се надеваме дека до крајот на наредната година ќе го имаме тој печат, така да го наречам, за производи произведени во Пелагонија и Преспа. Производите ќе бидат високо заштитени, со сертификат за безбедност на храна, имаме поддршка и од националната координаторка при Владата за безбедна храна, сметаме дека ова ќе ги заштити нашите производители, објаснува Мариноски.
Филип Димкоски, агроном од Прилеп ја поздравува иницијативата, за што земјава треба да го истакне најдоброто, односно производството на здрава и безбедна храна.
-Со оглед на тоа што, сметам, како држава треба особено да го истакнеме квалитетот на производите со кои можеме да се претставиме и на домашниот, и на меѓународниот пазар, брендирање производи со географско потекло, во конкретниов случај во Пелагонија и од Преспанскиот регион, би значело претставување во меѓународни рамки на она што е навистина препознатливо на нашата држава. Тоа е квалитетна храна која ќе даде поттик и на производителите да се погрижат да работат на квалитетот, а од друга страна, ќе обезбеди дополнителен развој на економијата, вели Димкоски.
Димкоски нагласува дека треба соодветно место да имаат малите производители.
-Тука би рекол дека компаниите, асоцијациите, здруженијата, кои се вклучени за спроведување на овој проект, брендирање производи со географско потекло, треба да обрнат внимание и на малите производители, во никој случај да не ги запостават, зашто само со меѓусебна соработка и со меѓусебни консултации во однос на она како треба да се претставиме на странскиот пазар, би имале успех, смета Димкоски.
Производите ќе ги преработуваат Пелагониските компании, ќе ги користат фондовите од регионалните комори, или пак, државни и ќе бидат подобро промовирани и на локален и на странски пазар. ем/ра
Фото: МИА