• среда, 25 декември 2024

Преку „Зелениот финансиски инструмент" 46 милиони евра за бизнисот и граѓаните - ќе може да купат инвертери, клима уреди, фотоволатици

Преку „Зелениот финансиски инструмент

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Средните и малите компании, како и граѓаните од ранливите категории преку комерцијалните банки ќе имаат пристап до кредити со грантова компонента со кои ќе можат да инвестираат во топлински пумпи, инвертери, клима уреди, котли, сончеви колектори за топла вода, фотоволатици,... За олеснување на процесот и осигурување дека правилно ќе ги користат средствата, на располагање ќе имаат и бесплатна техничка помош. Ова е предвидено со проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“.

„Зелениот финансиски инструмент“ почнува денеска и ќе се имплементира до април 2026 година, а има на располагање 46 милиони евра кои ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки. Средствата се финансирани од глобалниот Заеднички фонд за целите за одржлив развој (Joint SDG fund), од Европската банка за обнова и развој, од комерцијалните банки и од Владата на Репбулика Северна Македонија.

Се очекува просечната вредност на кредитите да биде околу 11 600 долари, но дополнително, попрецизно ќе бидат објавени критериумите со сите детали како може да се аплицира и кои се техничките елементи.

Како што објасни во обраќањето вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ова е финансиски механизам преку кој целиот екосистем на банки, продавачи на производи и даватели на услуги, но и Владата, се стимулираат да работат заедно со различни засегнати страни за да се обезбеди потребната финансиска и техничка поддршка што ќе ја забрза транзицијата кон иновативни решенија за обновиливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

-Имајќи предвид дека сите држави се справуваат со глобални кризи, како пост КОВИД економското закрепнување, енергетската и економска криза, сметам дека овој проект со своите продукти наменети за малите и средните претпријатија, како и за граѓаните од недоволно опфатените категории, е одлична можност да ја изразиме својата силна посветеност на забрзување на имплементација на Агендата 2030 и остварување на Целите за одржлив развој. Особено важно е дека преку имплементацијата на овој проект, токму приватниот сектор и граѓаните ќе земат активно учество во борбата со загадувањето и климатските промени, рече Битиќи.

Според него, „Зелениот финансиски инструмент ќе отклучи приватен тек на капитал од финансиски институции, мали и средни претпријатија, а ќе се помогне и на домаќинствата, со фокус на ранливите категории.

Вицепремиерот се осврна и на целите кои треба да се достигнат преку овој проект, а се засноваат на националните стратешки документи, но и со европскиот „Зелен договор“, што е особено важно во почнувањето на скриниг процесот за пристапување во ЕУ.

Проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“ го имплементираат Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Меѓународната агенција за миграција (ИОМ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Економска комисија за Европа на Обединетите Нации (УНЕЦЕ). мч/лв/

фото: МИА и Влада на РСМ

 

Остани поврзан