• среда, 25 декември 2024

Преку донација дваесет семејства во гостиварско добија дрва за огрев

Преку донација дваесет семејства во гостиварско добија дрва за огрев
Гостивар, 12 октомври 2022 (МИА) -  Месната заедница од гостиварското село Чајле со донација на иселеници обезбеди огревно дрво за дваесетина социјално загрозени семејства. Иницијативата за помош на сиромашните семејства во пресрет на зимата финансиски ја поддржаа тројца браќа кои живеат и работат во Германија. Претседателот на месната заедница Чајле, Синан Елези појаснува дека акцијата за солидаризирање со посиромашните соселани ја насочиле кон актуелната ситуација и потребата од затоплување. По одлуката, повикот бил објавен на социјалните мрежи. - Такво е времето во кое живееме, сè е поскапено. Околу нас има луѓе кои не можат да се справат со кризата и неопходно е да им се помогне. Добивме многу повици за помош, а јас лично се уверив дека некои се во исклучително тешка состојба. Повикот го објавивме и хумани луѓе ја поддржаа акцијата за да обезбедиме дрва за огрев, рече Синан Елези. Дрва за огрев во вреќи добија 18 семејства во Чајле и две во соседното село Балиндол. За купување на над 50 кубни метри дрва пари дале браќата Рушити кои потекнуваат од селото Чајле. Тие и претходно во повеќе наврати учествувале во хуманитарни акции и донираат во родниот крај. згм/сст/

Остани поврзан