• сабота, 23 ноември 2024

Преку видео порака учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ апелираат до институциите за побезбеден сообраќај

Преку видео порака учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ апелираат до институциите за побезбеден сообраќај
Скопје, 9 април 2021 (МИА) - Учениците од Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје бараат од институциите да се подобри сигнализацијата помеѓу фреквентната улица „Благоја Стефковски“ и булеварот „Александар Македонски“, што продолжува кон автопатот А-75, каде што се наоѓа училиштето, со цел да се зголеми свесноста на возачите и безбедноста на учениците кои учат во близина, а се со оштетен слух и говор и не можат да ги слушнат сирените на возилата, за што сведочат сообраќајните незгоди во минатото, велат од клубот. Преку видео порака изработена од сведоштвата на самите ученици, тие апелираат до Град Скопје за итно решавање на проблемот, што е од исклучителна важност за глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“. Од клубот на ученици велат дека во последните пет години на улицата „Благоја Стефковски“ забележани се 113 сообраќајни незгоди, девет се со тешки телесни повреди и едно лице трагично го загубило животот. На булеварот „Александар Македонски“ имало 240 незгоди со телесни повреди, 26 се со тешки телесни повреди и шест лица трагично го загубиле животот. Иако податоците се однесуваат на целиот потег, од клубот велат дека сепак постои ризик за учениците во сообраќајот. Видеото е изработено во рамки на младинска акција на членовите на Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ спроведен од страна на Младински образовен форум, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер и Британската влада. ки/сп/

Остани поврзан