• сабота, 07 септември 2024

Презентиран труд од тим од Народната банка на меѓународната статистичка конференција на Комитетот „Ирвинг Фишер“ и БИС

Презентиран труд од тим од Народната банка на меѓународната статистичка конференција на Комитетот „Ирвинг Фишер“ и БИС

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Во рамките на Дванаесеттата биенална конференција на тема: „Статистиката и пошироко: нови податоци за донесување одлуки во централните банки“, организирана од Комитетот за централнобанкарски статистики „Ирвинг Фишер“ и Банката за меѓународни порамнувања беше презентиран труд од областа на статистиката, изготвен од вработени во Народната банка.

На настанот, како што информират од Народната банка, директорката на Дирекцијата за статистика, Снежана Јанеска-Поповска, го претстави трудот „Градење на финансиските сметки врз основа на принципот од кого на кого и нивната аналитичка вредност − случајот на НБРСМ“, изготвен во коавторство со Нада Циривири и Билјана Петрушевска.

-Во рамките на презентацијата, Јанеска-Поповска се осврна на клучните аспекти поврзани со статистиката на финансиските сметки којашто ја изготвува Народната банка, преку воспоставување модерен пристап „од кого на кого“. Станува збор за исклучително комплексна статистика, којашто доби на тежина особено по глобалната финансиска криза, преку која се согледува меѓусекторската финансиска поврзаност и изложеноста на шокови. Притоа, беше истакнато дека составувањето на оваа статистика вклучува различни извори на податоци, често наменети за различни статистички цели и засновани врз различни методологии. Оваа интеграција бара значителен напор за ефективно комбинирање и воспоставување хиерархија на изворите на податоци, преку вградување на примарните статистики и бројни дополнителни извори на податоци, информираат од банката. 

Особен акцент бил ставен на важноста на деталните бази податоци (микроподатоци) коишто имаат за цел да го подобрат севкупниот квалитет и конзистентноста на финансиските сметки, при што бил даден осврт и на развојот на базата на статистички податоци за располагање со хартии од вредност во Народната банка. Понатаму, во рамките на презентацијата бил даден осврт на предизвиците и практичните решенија во процесот на составување на финансиските сметки, методолошките аспекти и кратка анализа на податоците со цел да се истакнат придобивките од користењето на овој пристап.

Како што велат од Народната банка, на презентацијата била истакната заложбата на Народната банка и понатаму да вложува напори за збогатување на сетот расположливи податоци за корисниците и за развивање и унапредување на финансиските сметки, овозможувајќи усогласување со највисоките меѓународни статистички стандарди.

На Конференцијата присуствувале 140 претставници на централните банки и статистичките заводи од 70 држави, претставници од повеќе меѓународни организации, БИС, ММФ, ИСИ, ОЕЦД, Светската банка итн., како и голем број учесници од целиот свет, коишто виртуелно го следеа настанот. Комитетот за централнобанкарски статистики „Ирвинг Фишер“ е форум на економисти и статистичари посветен на актуелните статистички прашања од интерес на централните банки. Комитетот е основан од и со него управува меѓународната централнобанкарска заедница и работи под покровителство на Банката за меѓународни порамнувања. сст/мд/

фото Народна банка

Остани поврзан