• среда, 27 ноември 2024

Презентиран нацрт правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи  

Презентиран нацрт правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи  

15 април 2024 

 

 

 

На 12 Април 2024 година (петок), пред преполна сала на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) се одржа Презентација на Нацрт правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Правилникот е изработен од страна на Комората со поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како предлог подзаконски акт.

Препознавајќи ја потребата и предизвиците со кои се соочуваат членовите на КОАИ, во текот на 2022 и 2023 година Комората проактивно работеше на изработка на Нацрт правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Тимот кој работеше на него се состоеше од претставници од сите одделенија на Комората, за да може секој во својата област да даде соодветен придонес.

Нацрт правилникот е во тек со европските прописи за предметната проблематика, но истовремено е адаптиран на локалните услови. Дел од постоечките прописи се интегрирани во него, додека дел од нив се задржуваат и Нацрт-правилникот се повикува на нив, секако водејќи сметка да се спречат конфликти. 

Избраниот модел на Нацрт-правилникот е поделен на следните поглавја:

-          Дефиниција на термини

-          Кратенки

-          Проширување на пожар на соседни објекти

-          Носивост и ширење на пожар на други делови од објект

-          Пристап за гасење на пожар и постапки за спасување

Покрај текстуалниот дел, интегрален дел на Нацрт-правилникот се графичките прилози низ целата негова содржина за попрецизно и недвосмислено дефинирање на предметната проблематика.

Настанот го отвори Претседавачот на Собранието на Комората, Неџат Бајрами кој во својот поздравен говор го истакна следното: „Пожарот претставува сериозна опасност за населението, конструкциите, имотот и животната средина, како во земјите во развој, така и во развиените земји. Низ историјата се случиле голем број пожари со катастрофални последици, што подразбира огромна материјална штета и човечки загуби. После земјотрес, експертите изјавуваат дека не „убива“ земјотресот колку што „убива“ неквалитетот на самите градби. Без да навлеземе во причините за настанување на пожарите, појавата на пожар е исто така непредвидливо како и појавата на земјотрес. Во случај на пожар главен фактор за заштита на човечките животи и материјалните добра е квалитетот на применетите материјали, мерките за заштита од пожар и правилното просторно планирање.“

Во продолжение на настанот презентација на детали од правилникот спроведоа членовите на Комората кои беа директно инволвирани во неговата изработка, и тоа: М-р Татјана Васиљевиќ Владев, Михаел Димитровски, Проф. д-р Мери Цветковска, Ратко Станојковски и Драгана Јовановска.

Оваа Презентација беше наменета за инженерите – проектанти, надзори, изведувачи, ревиденти кои работат во областа на заштита од пожари и истовремено за претставниците на органите на надлежни за спроведување на законската регулатива, и секако, вршење на контрола над нејзината имлементација. 

Салата на Комората беше премала да ги прими сите заинтересирани лица. Заради огромниот интерес, иако не беше планирно, пред почетокот на Презентацијата беше овозможено нејзино следење он-лајн.

По барање на присутните, на следниот линк може да се преземе работната верзија од Нацрт правилникот, со напомена дека документот сеуште не претставува законска регулатива, и не може да се користи во било која форма како официјален документ.

По оваа презентација, работата продолжува, при што во нареден период планирани се соодветни анкети, работилници и трибини за негова разработка, каде секако ќе бидат добредојдени коментари од стручната јавност.

Комора на овластени архитекти и овластени инженери 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан