• петок, 08 ноември 2024

Презентирани „Потребите на младите на локално ниво“ во Општина Центар

Презентирани „Потребите на младите на локално ниво“ во Општина Центар
Скопје, 13 јули 2022 (МИА) - Два проценти од младите би се отселиле од Општина Центар, веројатно би се отселиле 14 проценти, додека, 60 проценти веројатно не, а 15 проценти никогаш не би се отселиле, покажува истражувањето на Здружението на граѓаните „Младите Можат“. Од оние кои што би се отселиле, како што покажуваат наодите од истражувањето, 60 отсто би се преселиле во друга општина, а 40 проценти надвор од државата. Како што информираше при денешната презентација на извештајот „Потребите на младите на локално ниво“, кој е дел од програмата „Младинска банка“ во Општина Центар, Анита Николовска, извршен директор на „Младите Можат“, сподели дека истражувањето е направено во месец април 2022, преку квалитативен и квантитативен пристап со спроведување на фокус групи, една во Општина Центар со осум учесници, и квантитативен пристап, преку спроведување на телефонски анкети со 152 испитаници, жители на Општина Центар, млади од 15 до 29 години. На прашањето колку се задоволни од самата општина и соработката со неа, 25 отсто од младите одговориле дека се задоволни, 42 проценти делумно, а останатите незадоволни. Вкупно 21 процент од младите велат дека најпозитивно во нивната општина се местата за дружење и забава, а можностите кои ги имаат младите 17 проценти. Она што најмногу не им се допаѓа, според истражувањето е хигиената. Координаторката на проектот „Младински локални банки“, Дијана Мицевска, информираше дека ова е дел од едногодишен проект на здружението, кој минатата година бил успешно имплементиран во општините Ѓорче Петров, Аеродром и Карпош, додека, оваа година го организираат во соработка со Општина Центар и Крива Паланка. - Врз основа на наодите направена е програма за градење на капацитети и формиран одбор на младинските банки во општина центар и општина Крива Паланка и врз основа на тие резултати е креирана програмата според која се градеа капацитетите на младите кои што беа членови на одборите, и третата фаза, кога младите, членовите на одборите отворија повик за проектни идеи кои што ќе бидат поддржани од младинската банка на општина Центар, средства обезбедени од страна на Општина Центар, информираше таа. Дополни дека селектираните проекти потоа ќе бидат имплементирани со поддршка од одборот, а потоа следува дисеминација. Истражувањето опфаќа неколку области, помеѓу кои волонтирање и граѓански активизам, предизвици во општината, младински политики и застапување, предизвици на младите во самата општина, отвореност и соработка на младите со општината и младите во време на Ковид-19 пандемија. Проектот „Локална младинска банка“ е посветен на младински активизам, учество, креирање на проекти и соработка со локалната самоуправа кој  „Младите Можат“ го спроведуваат со поддршката од Амбасадата на САД во Скопје. ар/сп/

Остани поврзан