• недела, 24 ноември 2024

Презентирана нацрт Национална стратегија и акциски план против кибер криминал

Презентирана нацрт Национална стратегија и акциски план против кибер криминал

Скопје, 11 септември 2024 

„Како никогаш претходно, сајбер безбедноста денес, а така ќе биде и во иднина, е еден од несомнените приоритети во институционалното делување, особено на институциите како што е Министерството за внатрешни работи.“

Ова, меѓу другото, денес го истакна првиот човек на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во своето обраќање по повод денешната презентација на нацрт Националната стратегија и акциски план за борба против сајбер криминал, во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото – Компонента 2“ што се одржа во Скопје.

„Ние живееме во време кога технологијата игра клучна улога во речиси секој аспект на животот. И иако сето тоа нуди невидени можности, истовремено создава и нови предизвици, при што сајбер криминалот е еден од најкомплексните и најраспространетите“, нагласи директорот Јанев. Потенцирајќи дека токму заради тоа „денешниот исклучително компетентен форум претставува значаен чекор во нашите напори, заеднички со нашите партнери од ЕУ, за воспоставување на Националната стратегија и Акциски план за сајбер криминал, што ќе послужат како конкретен патоказ за зајакнување на капацитетите на нашата земја против оваа постојано растечка закана“.

Директорот Јанев оценувајќи ја како суштинска важноста на нацрт документот, особено го истакна и се заблагодари на учеството и соработката на експертскиот тим од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото – Компонента 2“, како уште еден практичен пример за партнерството и поддршката што нашите институции ги добиваат од ЕУ. 

Министерство за внатрешни работи - Односи со јавност

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

 

 

Остани поврзан