• петок, 05 декември 2025

Презентација на резултати и промоција на монографија „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“

Презентација на резултати и промоција на монографија „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“

Скопје, 16 мај 2025

На 14 мај 2025 година, во просториите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа уште една Научна среда, традиционален настан на ИСППИ во чии рамки во изминатите девет години се презентираат резултати од спроведени научни истражувања, се промовираат изданија произлезени од истражувањата и се развиваат дискусии на значајни општествено-политички и општествено-културни теми. Оваа Научна среда претставуваше презентација на сознанијата и резултатите од научноистражувачкиот проект „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“.
Настанот го отвори директорката на ИСППИ, проф. д-р Бојана Наумовска, а свои презентации и излагања имаа членовите на истражувачкиот тим:
        Проф. д-р Маријана Марковиќ (раководителка на научноистражувачкиот проект) – Воведен збор и Заклучоци и препораки произлезени од истражувањето
   Вонр. проф. д-р Иван Блажевски – Социолошките импликации од проблематичната употреба на интернет и играњето на дигитални (онлајн) игри кај адолесцентите
    Ас. м-р Теа Конеска-Василевска – Комуниколошките импликации од проблематичната употреба на интернет и играњето на дигитални (онлајн) игри кај адолесцентите
         Проф. д-р Елеонора Серафимовска – Презентација на резултатите од истражувањето
На настанот беа присутни и рецензентите на монографијата произлезена од истражувањето, проф. д-р Петар Атанасов (ИСППИ – УКИМ) и проф. д-р Иван Трајков (Институт за социјална работа и социјална политика, УКИМ), како и дел од психолозите од училиштата каде што се спроведе анкетниот дел од истражувањето. Преостанатиот дел од учесниците беа со блиски професионални профили до темата на истражувањето, како и од разни академски области во рамките на општествените и хуманистичките науки, што придонесе за плодна дискусија што опфати повеќе аспекти.


РЕЗИМЕ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Адолесцентите се изложени на особено висок ризик од прекумерна употреба на дигитална технологија, што може да има штетно влијание врз нивното ментално и физичко здравје, динамиката и квалитетот на нивната интеракција во семејството, врсничките групи, училиштето и пошироката средина. Оттука, проблематичната употреба на интернет (ПУИ) и влијанието што го имаат новите технологии врз менталното и физичкото здравје и врз благосостојбата на адолесцентите е особен истражувачки предизвик во новото дигитално време. Се смета дека ПУИ претставува фактор на ризик за нарушена саморегулација: регулирање на сон и спиење, исхрана, физичка активност, што може да има сериозни последици по благосостојбата.
Проблематичната употреба на интернет во литературата е дефинирана како неспособност на поединецот да ја контролира употребата на интернет, што доведува до негативни последици во секојдневниот живот и ги опфаќа состојбите за коишто се смета дека претставуваат зависност од однесувањето во онлајн-доменот, како што се специфичните растројства поврзани со употребата на интернет [зависност од играње на дигитални (онлајн) игри, онлајн-коцкање, зависност од т.н. интернет-секс или киберсекс, компулсивно зборување – растројство поврзано со зависност од онлајн-комуникација и др.] или генерализираните растројства. Генерализирана употреба значи широка употреба на многу различни алатки што ги нуди интернетот, понекогаш не нужно поврзано со одредена активност, туку само со поминување време на интернет. Тоа е прекумерна употреба на интернет што често е придружена со губење време и ненасочена употреба на различни интернет-апликации, како што се „Јутјуб“, музички интернет-страници, интернет-страници за социјално вмрежување, интернет-страници за пребарување информации и слично.
Во насока да се проучат протективните фактори и факторите на ризик, но и да се утврди дали постојат културолошки разлики што се поврзани со прекумерното играње на дигитални (онлајн) игри, беше спроведено меѓународно истражување во коешто, покрај Македонија, беа вклучени: Чешка, Србија, Финска, Косово, САД, Чиле и Словачка. Проектот беше координиран од Универзитетот „Палацки“ во Оломоуц, Република Чешка. Истражувањето во рамките на посочената меѓународна на соработка беше финансиски овозможено од страна на УКИМ, преку средствата од интегративните функции. Главната цел на ова меѓународно истражување беше да се постигне разбирање на причините зошто адолесцентите се впуштаат во т.н. нарушено играње на дигитални (онлајн) игри, кое е нивното ниво на психолошка зависност и до кој степен оваа конкретна зависност ги попречува менталното здравје и нивната адаптација во средината во којашто живеат. Спроведувањето на ова истражување се осврнува на тоа како отпорноста, факторите на семејството и врсниците ја намалуваат или ја зголемуваат веројатноста за вклучување на адолесцентите во проблематично играње на дигитални (онлајн) игри, но и на каков начин проблематичното играње е поврзано со други аспекти, како што се самоповредување, социјална девијација, нарушен режим на спиење и симптоми на зависност од храна.
Главното истражувачко прашање на студијата гласи: Кои фактори на ризик, а кои протективни фактори влијаат врз гејминг-растројството (ГР) или зависноста од играње (ЗИ) на дигитални (онлајн) игри кај адолесцентите? Согласно поставеното истражувачко прашање, произлегуваат и главните цели на истражувачката студија:
• Да се проучи и да се разбере степенот до којшто психолошката контрола, поддршката и мониторингот од страна на мајката ја спречува или ја поттикнува ЗИ;
• Да се проучи и да се разбере степенот до којшто отпорноста (резилиентноста) што ја манифестираат адолесцентите влијае врз ЗИ;
• Да се проучи улогата што ја има поддршката од страна на врсниците;
• Да се проучи и да се разбере дали ЗИ е поврзана со интернализација (самоповредување) и екстернализација (социјално девијантно однесување);
• Да се проучи и да се разбере степенот до којшто ЗИ го попречува квалитетот на спиењето и количеството сон;
• Подобро да се разбере поврзаноста помеѓу ЗИ и зависноста од храна;
• Да се направи споредба на двата дијагностички инструмента за мерење на ЗИ.
Истражувањето беше реализирано во периодот од октомври до јануари 2022 година, во целост спроведено онлајн, во просториите на училиштата, во присуство на училишниот психолог, а учениците ги користеа своите мобилни телефони за да пристапат до истражувачките инструменти. Вообичаеното време за одговарање се движеше од 20 до 40 минути.
Примерокот на испитаници беше пригоден, селекцијата на учениците беше спроведена согласно условите и можностите во училиштето, како и согласно подготвеноста на родителите/старателите/негувателите и на учениците да ја потпишат изјавата за согласност за учество во истражувањето. Примерокот го сочинуваа адолесценти на возраст од 15 до 19 години, ученици во следните средни училишта во Македонија, вкупно 414 испитаници со речиси еднаков број машки и женски (50% машки и 50% женски).
Добиените податоци од истражувањето во Република Македонија ги потврдуваат наодите добиени од другите истражувања. При објаснувањето на влијанието, факторите се определени како фактори на ризик (тоа се фактори што го зголемуваат ризикот од развивање на нарушување на менталното здравје) и протективни фактори (фактори што го редуцираат ризикот и дејствуваат позитивно на благосостојбата и на заштитата на менталното здравје). И факторите на ризик и протективните фактори можат да се анализираат од аспект на тоа дали се на индивидуално ниво (интраперсонално) на поединецот (адолесцентот) или, пак, на интерпесонално ниво. Протективните фактори за ЗИ се: мониторингот и поддршката од мајката (кога мајката знае каде и со кого оди детето, го поддржува во разни аспекти), отпорноста (резилиентноста) на родителите/старателите, како и поддршката од врсниците на интерперсонално ниво, додека на индивидуално ниво тоа е личната отпорност (резилиентност) на адолесцентот. Факторите на ризик за ЗИ се психолошката контрола од мајката и отсуството на поддршка од врсниците на интерперсонално ниво, додека на индивидуално ниво тоа се девијантното однесување, себеповредувањето, нарушеното спиење и зависноста од храна.
 
Монографијата „Проблематична употреба на интернет кај младите во Македонија“ произлезена од истражувањето во електронска форма е достапна тука.
Фотографии од настанот и презентациите на говорниците и други материјали се достапни тука.
 За дополнителни информации, Ве молиме обратете се на раководителката на истражувањето, проф. д-р Маријана Марковиќ: marijana@isppi.ukim.edu.mk


ИСППИ – УКИМ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Принтскрин

 

 

Остани поврзан