Предновогодишна „чајанка“ во „Лајка“, со цел креирање на хумано општество за сите
- Во просториите на ЈП „Лајка“ попладнево се одржа претпразнична чајанка, организирана со учество на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.
Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Во просториите на ЈП „Лајка“ попладнево се одржа претпразнична чајанка, организирана со учество на Амбасадата на Соединетите американски држави во Република Северна Македонија.
Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева истакна дека целта на настанот е да се заокружи 2024 година во топлина, дружење и љубов, со деца и нивните верни пријатели – кучињата. Како што посочи, настанот е создаден за да ги пречека децата од здруженијата Аутизам ААМК, Кохлеарно срце, Equality и Доза Среќа, средното училиште „Никола Карев“ од Скопје која го отвори првиот пет клуб и стана прво пет френдли училиште, заедно со нивните родители и активисти и да приреди незаборавно предновогодишно дружење.
-Овој настан го креиравме со помош на дечињата за да го свртиме вниманието дека се трудиме заеднички во Новата година, тоа е наша желба, да креираме едно хумано општество за сите, едно општество во кое ќе има место за сите луѓе со сите различности генерално затоа што хуманоста е една. Кога ја имаме, ја имаме спрема секого, рече Пешева.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер нагласи дека важно е да се донесат кучињата и медицински да се третираат, вакцинираат и кастрираат со цел да нема уште повеќе улични животни.
-Ова е нешто што се разликува од еден град до друг. Јас сум од Вашингтон и таму има многу активна програма што спроведува слични работи како што тоа го прават Радмила и нејзиниот тим овде. Она што е важно е да се донесат кучињата, медицински да се третираат , нешто што тимот добро го прави, да се вакцинираат и да се кастрираат со цел да нема уште повеќе улични животни. Тоа важи и за мачките, и постојат различни примери во регионот и светот како се прави тоа, рече Агелер.фф/аа/
Фото: МИА