• вторник, 24 декември 2024

Предлог за притвор од 30 дена за осомничениот малолетник за убиството на 14-годишното момче во Прилеп

Предлог за притвор од 30 дена за осомничениот малолетник за убиството на 14-годишното момче во Прилеп

Прилеп, 1 март 2024 (МИА) - Прилепското основно јавно обвинителство побара притвор до 30 дена за малолетникот од долненското село Сенокос, кој е осомничен за убиството на 14-годишното момче убиено синоќа во центарот на Прилеп. Вториот приведен од полицијата, 21-годишникот со иницијали В.Т. е задржан на испитување во својство на сведок.

-До судијата за деца при Основниот суд во Прилеп е поднесен предлог за определување на мерката притвор до 30 дена за 15-годишниот малолетник од селото Сенокос поради постоење основано сомнение дека извршил дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело убиство по член 123, став 2, точка 7 од КЗ. Ова е потешко кривично дело зашто станува збор за убиство на малолетник. На испитување како сведок е задржан 21-годишникот со иницијали В.Т., вели основниот јавен обвинител од Прилеп Стевчо Биноски.

Убиството на 14-годишното момче се случи вчера по 19 часот во центарот на Прилеп. Трагедијата почнала прво во влезот од познатата прилепска колективна зграда „Деветтокатница“  каде момчето физички е нападнато и избодено до смрт со остар предмет. Во еден момент жртвата побегнала, се упатила по тротоарот на булеварот „Гоце Делчев“, но по неполни 100 метри окрвавена паднала на тлото. Екипата на итната медицинска помош констатирала многу крвави рани на телото и немало видливи знаци на живот. Момчето било пренесено во Градската болница на одделот за анестезија и реанимација, но сите обиди да му помогнат биле безуспешни.

Полицијата соопшти дека го расчистила случајот. При претресот рано изутрината во домот на малолетникот во селото Сенокос биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик.

Меѓу малолетниците подолго време постела голема нетрпеливост. ем/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан