• понеделник, 23 декември 2024

Предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка на ЕНЕР, идната недела јавна расправа

Предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка на ЕНЕР, идната недела јавна расправа

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Предлог законското решение кое ја уредува конфискацијата на имот, чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а не е опфатен со конфискација во кривична постапка или со оданочување на имот во даночна управна постапка, веќе е поставено на ЕНЕР и е достапно за коментари, информираат од владината прес-служба.

Заради транспаретност на процесот на донесување на овој закон и подобрување на текстот преку отворена дебата, како што информираат од Влада, идната недела ќе се одржи јавна расправа на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии.

-Со донесување на ефективен и применлив Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка се заштитува јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува располагање со имот, за кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори, а со тоа се превенираат кривични дела поврзани со организираниот криминал и корупција. Поаѓајќи од ставот дека постојното кривично и управно законодавство не може целосно да ги опфати случаите кои се појавуваат во пракса, работната група со која претседава заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, го подготви предлог законот, кој ќе претставува дополнителна и ефективна алатка во борбата со корупцијата, се вели во соопштението. 

Претходно, стои во соопштението, во соработка со Советот на Европа, Кабинетот за политики за добро владеење изработил нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан