• среда, 27 ноември 2024

Неопходни се реформи во правосудството, при носење на законите да се консултура научната фела, апелираат експерти по право

Неопходни се реформи во правосудството, при носење на законите да се консултура научната фела, апелираат експерти по право

Охрид, 17 мај 2024 (МИА) – Педесеттина експерти на правната наука, ректори, декани, претседатели на еснафските правнички комори, професори, доценти, докторанти од правните факултети во земјата и странство учествуват на 10-тата јубилејна Меѓународна научна конференција „Предизвиците на правото во 21 век“ што во организација на Институтот „IURIDICA PRIMA“ од денеска се одржува во Охрид.

На собирот ќе бидат презентирани неколку десетици трудови на темата и актуелни прашања од областа на правото, а се очекува преку размена на нови знаења од споредбеното право, добрите искуства и практики да произлезат аргументирани предлози за подобрување на постојните законски решенија и реформите што претстојат во насока на хармонизација на националното со правото на Европската унија, постигнување на поголема правна сигурност во правните односи и владеењето на правото во целина.

- Бројни се предизвиците со кои се соочува правото. Пред се тука е силата. Кога постои одредена сила, веќе не постои ниту меѓународното право. Бројните воени конфликти низ светот покжауваат дека меѓународното правоо не функционира како што е предвидено. Потоа, следен предзвик е влијанието на политиката врз правото. Постојано говориме за владеење на правото, а имаме владеење на мали политички групации кои ги наметнуваат својите влијанија дури и врз судството и закондавството, што укажува на потребата од сериозна борба и темелни реформи. Корупцијата е постојана болка што го обременува општеството, истакна професорот Ангел Ристов, претседател на Институтот „IURIDICA PRIMA“.

Според него, потребни се нужни реформи во законодавството, особено во приватното право.

- Граѓанското право е заборавено. Во законодавството, во политиката сите се држат за јавната сфера, а поединецот е заборавен. Она што треба државата и новата влада да направи е конечно да се сврти кон граѓаните и после 13 години да биде донесен граѓанскиот законик, кој ги уредува односите на граѓаните од раѓањето до смртта. Петте негови делови се изготвени, тоа ќе бидат големи реформи во интерес на граѓаните, посочи Ристов.

Она што е меѓу главните проблеми во правната сфера е носењето закони спротивни на принципите на правото, на правдата, моралот на здравата правничка логика.

- Упатуваме апел до законодавецот при носењето на идните закони и реформите, секогаш да се носат во консултација со практичарите и науката, доколку императив е напредок во сферата... Широка јавна расправа по сите законски решенија за праведни закони, рече тој.

Професорот Борче Давитковски со критики кон нивото на владеењето на правото во општеството, за што, како главна причина ја посочи отсуството на политика волја за надминување на состојбите.

- Сами се доведовме во таква ситуација. Немаше политичка волја да се направат вистински реформи во правосудниот систем, како во судството така и во обвинителството. Судскиот совет како рогови во вреќа, обвинителсткиот совет го нема никаде, непрепознатливи се, а тие треба да се контролор на третата власт. Пред се, она што е важно е да се разбере дека реформите се прават за подобрување на животот на граѓаните, ако тие ги почувствуваат бенефитите од нив, тогаш дури можеме да очекуваме влез во ЕУ, без тие стандардни нема влегување. И Уставот да го промениме, доколку нема политичка волја за реформи – нема успех, рече Давитковски.

Тој посочи дека во првите шест месеци новите власти треба да ги постават насоките како ќе се прават реформите во сите општествени сфери, за луѓето да имаат перцепција што ќе се случува и што да очекуваат.

- Претходната влада не ги донесе законите што беше предвидено да бидат донесени до 2023 година. Во септември ќе го добиеме најнегативниот извештај од ЕУ за реформите во јавниот сектор во последните 20 години. Она што е неопходно е целосно преиспитување на улогата на судскиот и на обвинителскиот совет, на Академијата за судии...Мора да заврши практиката лица без никакви искуство, само со политичко влијание и врски да стануваат судии, нагласи Давитковски.

Професорот Арсен Јаневски исто така истакна дека неспорно се потребни реформи во правосудниот систем.

- Очигледно е дека од сите страни, и од ЕУ и од секаде ни укажуват, а и самите знаеме дека судството не ни функционира како што треба. Доаѓа период кога од сите сфери на правото се работи на кодификација на граѓанскиот кодекс, изготвен е неговиот пред-нацрт и се надеваме дека новата влада ќе го поддржи, како значајна новина за државата. Во рамки на таа новина ќе следат реформи во судство, во обвинителство во судски совет и во други области каде е потребна измена на легислативата за да се подобри функцинирањето на институциите во државата, рече тој.

Јаневски посочи дека нема држава во светот каде нема корупција, но прашањето е во колкава мера.

- Очигледно е дека институциите на функцинираат и оттаму таквиот резултат. Затоа треба да се направат коренити промени, и во судството и во обвинителството и во судскиот совет и во многу други институции во државата...истакна преофесорот Јаневски.

Меѓународната конференција што е дел од Охридската школа на правото е прва од ваков вид во земјата и веќе станува традиционална и препознатлива во регионални и меѓународни рамки. Сите трудови што ќе бидат презнетирани тука, по рецензирањето ќе бидат објавени во посебен меѓународен зборник во два тома (19 и 20). Досега од конференциите одржани во периодот од 2015 до 2023 година се објавени 18 тома, што се достапни за пошироката јавност објавени на интернет-страницата на Институтот „IURIDICA PRIMA“ и на електронската база EBSCO. аб/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан