• понеделник, 29 јули 2024

Преведувачот Вил Фирт на преведувачка резиденција во Скопје

Преведувачот Вил Фирт на преведувачка резиденција во Скопје
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Преведувачот од македонски на англиски јазик Вил Фирт овој месец  престојува на преведувачка резиденција во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“. Резиденцијата се реализира во рамки на меѓународниот проект „Превод во движење“ (Translation in Motion), финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Во текот на својот престој, Вил Фирт ќе работи на преводот на македонски јазик на романот „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски. Вил Фирт е книжевен преведувач од македонски, српски, хрватски, германски и руски јазик. Дипломирал германски и руски јазик на Националниот универзитет во Канбера, Австралија. Бил стипендист на Универзитетот во Загреб и на Институтот „Пушкин“ во Москва. Од 1990 година Фирт живее во Германија, каде што работи како слободен преведувач на литература и дела од областа на хуманистичките науки. На македонски јазик превел книги или извадоци од книги од Александар Прокопиев, Драги Михајловски, Влада Урошевиќ, Блаже Миневски, Димитар Башевски, Иван Додовски, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Ненад Јолдески и други. „Превод во движење“ е меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. - Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји, соопшти издавачката куќа „Готен“. хс/са/  

Остани поврзан