Предложени претставниците на партиите во работната група за Изборниот законик
- Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека очекува сите имплицирани во изборниот процес да бидат вклучени и да се донесе поквалитетен Изборен законик од претходните.
Скопје, 29 јануари 2026 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска информира дека политичките партии ги предложиле претставниците со кои ќе учествуваат во работната група за Изборниот законик.
Списокот со предложените партиски претставници е веќе пред министерот за правда Игор Филков и се чека да ја закаже првата средба. Од владејачките ВМРО-ДПМНЕ во работната група ќе бидат пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, од ЗНАМ ќе бидат Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, од „Вреди“ - Саранда Имери и Зеќирија Таири.
Од опозицискиот СДСМ во работното тело за Изборниот законик ќе учествуваат координаторот Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, од ДУИ поранешната пратеничка Арта Биљали-Зендели, како и Блерим Беџети, а од Левицата - Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од крилото на Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, од крилото на Арбен Таравари се пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче, а од Партијата на Турците е пратеникот Бејџан Иљас и од ЛДП - Моника Зајкова.
Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека очекува сите имплицирани во изборниот процес да бидат вклучени и да се донесе поквалитетен Изборен законик од претходните.
- Можам да кажам дека политичките партии веќе ги предложија сите што сакаат да бидат дел од работната група. Тие предложија имиња, ние ги препративме до Министерството за правда. Се слушнавме со министерот за правда дека многу бргу ќе ја имаме првата официјална средба, односно конститутивната седница на работната група, и така ќе се договориме за принципите на работната група на Изборниот законик. Се надевам дека ќе биде со зголемена динамика, ќе се одвиваат разговорите во Собранието и на крајот, заедно консензуално сите вклучени во процесот, не само политичките партии, туку и експерти, сите други институции што се имплицирани во изборниот процес, да бидат дел од процесот за да донесеме Изборен законик што ќе го прифатиме сите и на крајот, ќе го изгласаме и ќе биде многу поквалитетен од претходните - рече Гаши.
Тој потенцира дека сè уште нема информации дали станува збор за целосно нов закон или само за измени на постојниот текст на Изборниот законик.
- Сè уште немаме таква информација. Тоа ќе биде доставено од министерот за правда на првата средба. Така се договоривме на првата координација со Министерството за правда, кога ќе се формира работната група, да го имаме и текстот. Тогаш ќе видиме дали имаме текст за измени на Изборниот законик или за целосно нов текст - рече спикерот Гаши.
На лидерската средба што неодамна ја свика премиерот Христијан Мицкоски беше договорено дека е потребен нов изборен законик што треба да биде готов до јуни. Изборниот законик е дел и од реформската агенда. На последната средба на координаторите на пратеничките групи и на министерот за правда беше констатирано дека ако пратениците утврдат, ќе се менува повеќе од една третина од Изборниот законик. Во тој случај ќе треба да се изготват нови изборни правила, во спротивно ќе се менува постојниот. фф/вј/
Фото: Собрание