• вторник, 24 декември 2024

Првичните резултати од изборите во Нов Зеланд укажуваат на промена на власта во корист на конзервативците 

Првичните резултати од изборите во Нов Зеланд укажуваат на промена на власта во корист на конзервативците 

Оукленд, 14 октомври 2023 (МИА) - Во Нов Зеланд денеска се одржаа парламентарни избори, а првичните резултати покажуваат дека гласачите се одлучиле за промена на власта во корист на конзервативците, по шест години лабуристичка влада, главно предводена од Џасинда Ардерн.

По една четвртина преброени гласови, се чини, дека поранешниот бизнисмен Кристофер Луксон ќе биде следниот премиер на Нов Зеланд.

Во јануари годинава популарната премиерка Ардерн неочекувано се повлече од функција, изјавувајќи дека веќе нема „доволно гориво“ за да ја заврши работата како што треба. Таа извојува убедлива победа за лабуристите на претходните избори во октомври 2020 година, но нејзината популарност опадна бидејќи луѓето се уморија од ограничувањата поврзани со Ковид -19, и бидејќи инфлацијата почна да ја загрозува економијата.

По нејзиното заминување од политиката нов лидер на лабуристите стана 45-годишниот Крис Хипкинс, кој дотогаш беше министер за образование и ја водеше работата околу пандемијата на коронавирусот.

Меѓутоа, Лабуристичката партија забележа значителен пад на поддршката поради серијата владини скандали и поскапувањето на храната и горивото, како и инфлацијата што се очекува да надмине шест отсто оваа година.

Луксон, од друга страна, доби поттик пред се благодарение на ветувањето за намалување на даноците.

Според првите пребројани гласови на изборите одржани денеска, се посочува дека Националната партија на Луксон освоила повеќе од 40 отсто, а Лабуристичката партија предводена од Хипкинс освои нешто повеќе од 25 отсто од гласовите, половина од оние што ги освои на претходните избори кога Ардерн беше на нејзино чело.

За да формира влада, партија или постизборна коалиција мора да има најмалку 61 место во 120-члениот парламент. сд/

фото:Скриншот

Остани поврзан