• среда, 25 декември 2024

Првиот настап на „Добри гости“ - серија книжевни гостувања низ земјата утре во Штип

Првиот настап на „Добри гости“ - серија книжевни гостувања низ земјата  утре во Штип
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Со гостување во Штип, издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје утре ќе го започне проектот „Добри гости“ преку кој ќе иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори и во соработка со локални чинители.
Настанот ќе се одржи во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип со почеток од 19:30 часот, а потоа публиката ќе има можност да се сретне со авторите во пабот „Онли фулс енд хорсес“.
Ќе настапат дваесет автори, а ќе бидат емитувани и дел од поетските филмови изработени за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ што премиерно беа прикажани на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ а се дело на Марија Шаклева, Сандра Ѓоргиева, Диме Данов и Валентина Бакти од Србија.
Гости ќе бидат Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Андреј Ал-Асади, Николина Андова Шопова, Андреј Медиќ Лазаревски, Иван Шопов, Марија Ангеловска, Стефан Костоски и Јулијана Величковска, а домаќини ќе бидат: Павлина Атанасова, Марија Велинова, Марија Шаклева, Трајче Кацаров, Милена Ристова-Михајловска, Искра Постолова, Матеја Богдан, Макрина Јорданова и Ребека Спасова.
Гостувањето во Штип има и интернационална димензија каде што Штипјани ќе можат да се запознаат и со творештвото на Иван Херцег од Хрватска и Марија Костиќ од Србија.
Како што информираат од „ПНВ Публикации“, „Добри гости“ ќе се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Овие гостувања би се случувале во повеќе градови, во период од околу една година. Планирано е иницијативата да заврши со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори. ар/лв/

Остани поврзан