Прва фаза од реконструкцијата на спортскиот комплекс Соколана во Куманово
- Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, денеска, пред игралиштето на Соколана, остварија средба со спортските ветерани о
Куманово, 26 март 2021 (МИА) - Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, денеска, пред игралиштето на Соколана, остварија средба со спортските ветерани од Куманово и информираа за текот на првата фаза од реконструкција на комплексот. Владата преку Агенцијата за млади и спорт обезбеди седум милиони денари за отпочнување на првата фаза за реконструкција на Соколана.
Директорот Мојсоски кажа дека Агенцијата стои на располагање за поддршка на спортот и очекува во блиска иднина целосно да се реконструира објектот.
- Тука, пред 90 години бил формиран првиот ракометен женски клуб на тогашна Југославија, сегашна Македонија, и тука почнуват спортот во Куманово. Драго ми е за ова култно место кое е срцето на спортот во Куманово, кажа Мојсоски.
Димитриевски очекува да се скрати рокот на изведба од проектираните десет, на шест месеци, и дека кумановци ќе почнат да го користат реконструираниот дел од средината на пролетта. Тој посочи дека општината е во финална фаза на изработка на проектот за реконструкција на кровот на објектот, санација на статиката на објектот.
- Верувам дека до крајот на годинава, бидејќи имаме одвоено дополнителни седум милиони денари од општинскиот буџет, и дополнителни седум милиони денари, повторно, од Агенцијата за млади и спорт, каде што ќе влеземе во втора фаза. Ни останува подоцна третата фаза, внатрешното уредување на објектот, решавање на фасадата и партерното уредување на целиот комплекс Соколана, информираше Димитриевски.
Тој се надева дека наредната година комплексот ќе го врати сјајот, ќе стане своевиден музеј и објект кој ќе го користат спортистите и рекреативците од градот. На деншаниот настан, Димитриевски рече дека за реконструкцијата најмногу се залагале кумановските, македонските и спортистите од поранешна Југославија. ам/ар/