• понеделник, 23 декември 2024

Прва победа на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони

Прва победа на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони

 

Фредериција, 31 октомври 2024 (МИА) – Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер го совлада вечерва данскиот противник Фредериција на гостински терен со 25-23 и со тоа ја забележа првата победа во Лигата на шампиони во последните две сезони.

До премиерниот триумф Еурофарм Пелистер го предводеше голманот Никола Митревски со 15 одбрани, а најефикасен во редовите на македонскиот шампион беше Филип Кузмановски со пет голови.

По почетното водство од 1-0, Пелистер во продолжението на првиот дел постојано беше во резултатска негатива која на полувремето изнесуваше (10-13).

Сепак, битолскиот состав фуриозно го почна второто полувреме, го презеде водството и во 45 минута имаше предност од 19-16, а во 51 минута и највисоки +4 (21-17).

Фредериција со серија од 4-1 го однесе натпреварот во неизвесна завршница, во која Еурофарм Пелистер ја сочува предноста и го забележа првиот триумф во Лигата на шампиони во која настапуваше и лани кога сезоната ја заврши без победа.

Со вечерашниот триумф Еурофарм Пелистер собра три бодови и се искачи на 6 место на табелата во групата А кое обезбедува пласман во плејофот.

Во следното, осмо, коло Еурофарм Пелистер ќе го пречека вечерашниот противник пред своите гледачи во Битола, на 20 ноември. ег

ФОТО: РК Еурофарм Пелистер/Фејсбук

Остани поврзан