• сабота, 23 ноември 2024

Прашањето за започнување преговори не е наше прашање, туку е прашање за ЕУ што ќе прави со овој процес, порача Османи

Прашањето за започнување преговори не е наше прашање, туку е прашање за ЕУ што ќе прави со овој процес, порача Османи
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Прашањето за започнување превоговори не е наше прашање, туку е прашање за Европската Унија што ќе прави со овој процес, што ќе прави со регионот. Дали ќе го зачува кредибилитетот на овој процес. Треба да се дадат јасни пораки по однос на регионот. Јас ги знам пораките, бидејќи 26 земји членки се разочарани за ова што се случува и знаат дека Северна Македонија заслужува веднаш да ги почне преговорите, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, во одговор на прашањето колку се реални очекувањата за напредок во ситуацијата со Бугарија. Османи потсети дека состојбата во Бугарија на политички план е непредвидлива, се оди на трет циклус на избори и во овој момент е важно да не се прекине комуникацијата со Софија. - Тоа што можеме во овој контекст да го направиме е да продолжиме со комуникацијата, со цел да не направиме комплетно прекинување на комуникацијата и тоа го правиме. Во петокот имав разговор со министерот, договоривме нова динамика на контакти на експертско ниво, меѓутоа дали ќе има одлука без политичка влада се покажа дека не е така лесно, но тоа што можеме ние да направиме како Влада се овие три патеки - продолжуваме со реформи дома, продолжуваме комуникација со нашите партнери, за да ги објасниме нашите позиции, продолжуваме комуникација со Бугарија за да изнајдеме решение, рече Османи. Министерот истакна дека во однос на ЕУ е важно ние во ниту еден момент да не ја намалиме динамиката на подготвување на државата за членство во ЕУ, бидејки прашањето дали ќе бидеме членка одамна е апсолвирано. - Прашањето е кога ќе бидеме членка. Не смее менувањето на политичкиот контекст во Европската Унија, во регионот, во нашето соседство, да не најде неподготвени. Тоа е една фиксна константа по којашто мора да се водиме. Реформите мора да продолжат дури и со поголем интензитет.  Гледам дека тоа разочарување се одразува и во администрацијата и во државната служба, но мора да го вратиме ентузијазмот, бидејќи прво, реформите ги правиме за нашите граѓани, второ, ќе дојде момент кога ќе се деблокира процесот, како што претходно се деблокираше за НАТО, истакна Османи. Министерот, посочи оти очигледно е дека топката не е во нашиот двор, туку топката е во Брисел и во Софија. нд/ац/  

Остани поврзан