Пратеничката Мимоза Муса учествува на седницата на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедност на ПС на ПСЈИЕ во Атина
- На седницата пратениците од парламентите учеснички во ПСЈИЕ ги презентираа своите ставови и искуства на тема „Институционална заштита и зајакнување на демократските процеси за ефективно справување со феноменот на ‘одлив на мозоци’ и демографските предизвици во Југоисточна Европа“ по што следуваше дискусија по предлог-извештајот и предлог-резолуцијата на оваа тема.
Скопје, 30 март 2026 (МИА) - Пратеничката Мимоза Муса учествува на седницата на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедност на Парламентарното собрание на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), која се одржува вчера и денеска во Атина - наведува прес-службата на Собранието на Северна Македонија, што МИА го пренесува интегрално.
Седницата беше отворена со поздравен говор на претседателот на Комисијата, Ефстатиос Константинидис, по што следуваше обраќање на министерката за труд и социјална сигурност на Република Грција, Ники Керамеос.
На седницата пратениците од парламентите учеснички во ПСЈИЕ ги презентираа своите ставови и искуства на тема „Институционална заштита и зајакнување на демократските процеси за ефективно справување со феноменот на ‘одлив на мозоци’ и демографските предизвици во Југоисточна Европа“ по што следуваше дискусија по предлог-извештајот и предлог-резолуцијата на оваа тема.
Во своето обраќање пратеничката Мимоза Муса истакна дека демографските промени во регионот повеќе не се идни проекции, туку реалност обележана со намален наталитет, засилена емиграција и забрзано стареење на населението. Таа нагласи дека овие трендови имаат директно влијание врз пазарот на труд, социјалните системи и функционирањето на демократските институции.

Осврнувајќи се на состојбите во Северна Македонија, Муса посочи дека земјата се соочува со намален природен прираст и значителна емиграција, особено на млади и високообразовани кадри, како и со внатрешна миграција, што доведува до празнење на руралните средини. Како последици ги наведе намалувањето на човечкиот капитал, зголемениот притисок врз пензискиот и здравствениот систем, регионалните нееднаквости и намаленото граѓанско учество.
Пратеничката Муса информира дека во тек е подготовка на национална стратегија за демографски развој и демографска отпорност (2026 - 2036), која се изработува во соработка со меѓународни партнери и домашни институции. Клучен сегмент на оваа стратегија е преминот од концептот на „одлив на мозоци“ кон „циркулација на знаење“ преку зајакнување на врските со дијаспората, трансфер на знаење и создавање услови за враќање и привремено ангажирање стручни кадри.
Таа истакна дека силните демократски институции и владеењето на правото се предуслов за успешни демографски политики, при што ги нагласи реформите насочени кон зајакнување на независноста на судството, транспарентноста и професионализацијата на јавната администрација, како и борбата со корупцијата.
На крајот од своето обраќање пратеничката Муса нагласи дека демографската отпорност бара заеднички, координиран и регионален пристап, при што Северна Македонија останува посветена на соработка со земјите од Југоисточна Европа во насока на трансформирање на демографските предизвици во можности за одржлив развој и заеднички просперитет.
Се очекува на крајот од седницата пратениците да ги усвојат предложените извештај и резолуција.
Собрание на Република Северна Македонија