• вторник, 24 декември 2024

Пратениците расправаат за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025

Пратениците расправаат за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025
Скопје, 15 април 2021 (МИА) – Пратениците денеска ја продолжија 32. седница и расправаа за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека како опозиција ја поддржуваат оваа стратегија, бараат, инсистираат и даваат подршка за сериозна борба против корупцијата и судирот на интереси. - Поддршка имате. Имате партнер во опозицијата, нагласи Петрушевски, додавајќи дека Национална стратегија е добро изработена и заслужува поддршка. Опозицијата посочи дека на дневно ниво се продуцираат сериозни криминали и криминални афери, а ВМРО-ДПМНЕ гледа надеж во работата на ДКСК и смета дека им се потребни повеќе стручни лица, кои не треба да бидат членови  на политички партии, како и поголем буџет. Во дискусијата се вклучија повеќе пратеници од власта и од опозицијата кои укажаа на различни активности и проекти. Кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека во дискусијата биле изнесени одредени неточни факти. По него се надоврза заменик-координаторот на пратеничката група на СДСМ Диме Велковски, кој апелираше да се разговара за точката на дневен ред и додаде оти парламентарното мнозинство ќе гласа „за“ за Стратегијата. - Тука се изнесуваат од повеќе пратеници работи кои се случувале во минатото и сега кога некој од парламентарното мнозинство ќе одговори тоа не чини, изјави Велковски, потенцирајќи дека ДКСК има поддршка да си ја работи својата задача. Во текот на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери неколку пати укажа да се почитува Деловникот и да не се злоупотребува кога ќе се земе збор како процедурална забелешка. Џафери рече дека преостанати се уште десет пратеници за говор и предложи да се повлечат од расправата и да се гласа стратегијата, на што Мицевски рече дека Стратегијата ќе биде донесена денес или утре, а пратениците да се остават да си кажат што мислат. Кординаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески во процедурална забелешка рече дека тие што треба да одговараат ќе одговараат, без разлика од која страна да се. Тој ја покажа листата, стенограмот од гласањето, изборот на членовите и претседателот на ДКСК и рече дека дел од пратениците од опозицијата гласале воздржано, како Никола Мицевски. - Тој што се огрешил ќе одговара без разлика од каде доаѓа или не доаѓа. Дали бил член на некоја партија или не мора да биде член. Тој што се огрешил, тој ќе одговара, потенцира Митрески. По ова Џафери и даде реплика на пратеничката Даниела Марковска, на што реагираше Никола Мицевски, кој побара збор зошто претходно бил лично споменат. Откако не доби збор, Мицевски ја следеше пратеничката до нејзиното место. По неколкуте опомени, Џафери побара собраниското обезбедување да го изнесе Мицевски надвор од салата, по што тој се врати на своето место. Џафери ги опомена пратениците дека не е дозволено снимање. Мицевски, повикувајќи се на Деловникот, рече дека бил спречен да зборува, а бил лично споменат од координаторот на пратеничката група на СДСМ. Побара точно да се видат стенограмите кои тој ги покажа и да се види колку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ биле внатре и гласале „за“ законот, колку биле присутни, колку учествувале во работата на евалуацијата на Комисијата. - Гласавме воздржани затоа што чекавме да ги слушнеме резултатите, ама законот за оваа Комисија немаше да помине ако не гласаа пратениците на ВМРО-ДППМНЕ. Вие се фалевте дека тоа е првиот закон што е донесен двотретински тука, изјави Мицевски. Тој укажа дека како на координатор на пратеничка група, согласно Деловникот, претседателот Џафери е должен да му даде збор и апелираше да се почитува Деловникот и опозицијата. Тој смета дека Собранието не е функционално поради однесувањето на Џафери и непочитувањето на Деловникот. Побара да се слушне желбата на граѓаните и да се изгласа петтиот пакет мерки. Претседателот на Собранието Цафери рече дека седниците се јавни, има директен пренос, а граѓаните се гледаат, додавајќи дека тој „ја води седница и седи на своето место“. По редовната пауза, пратениците продолжија со работа. На дневен ред на 32. седница се повеќе предлог-закони во прво читање, како Законот за чек,  Законот за давање на финансиски услуги на далечина, како и повеќе годишни извештаи за работата на Судскиот совет, на Државната комисија за спречување на корупцијата и Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права, сите за 2019 година. Пратениците треба да ги разгледаат и Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2021 година, Предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2021 година, Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2021 година. мд/сп/  

Остани поврзан