• сабота, 23 ноември 2024

Пратениците на Левица се приклучија кон интерпелацијата против републичкиот јавен обвинител Јовески

Пратениците на Левица се приклучија кон интерпелацијата против републичкиот јавен обвинител Јовески

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Двајцата пратеници на политичката партија Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, се приклучија како предлагачи на интерпелацијата за работата на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, која претходно беше поднесена од седум опозициски пратеници.

Од „Левица“ денеска преку соопштение ги повикуваат сите пратеници, и од власта и од опозицијата, да ја поддржат оваа интерпелација и заедно, како што велат,  да стават крај на патернализмот на јавниот обвинител Љубомир Јовески кон мафијата, потпомогната од олигарсите и корумпираните функционери на власта.

Го повикуваат и собранискиот спикер Талат Џафери, што побргу да ја стави како точка на дневен ред оваа интерпелација, за да можат од собраниската говорница аргументирано да продискутираат за сите, подвлекуваат од партијата, негативни и штетни аспекти од неговото неработење.  

- Алармираме дека од поставувањето на чело на Јавното обвинителство на РМ, Јовески смислено и сервилно се стави во улога на ангел-чувар на крупниот организиран криминал, додека кривичниот прогон е резервиран само за ситните престапници. Неспособниот и сенилен Јовески, кој очекува како награда за неговата послушност кон корумпираните властодржци, да биде избран за судија на Уставниот суд – ја сведе оваа важна институција задолжена да се бори со криминалот, на карикатура која е приврзок на антинародниот хибриден режим предводен од СДС, ДУИ и ДПМНЕ, стои во соопштението од „Левица“.

Дополнително, се наведува во соопштението, неговата поспаност во трагичните случаи „Дурмо Турс“, „Беса Транс“, Модуларна болница Тетово, Клиниката за онкологија и многу други, само ги потврдуваат впечатоците на јавноста дека дотичниот лик, кој никогаш во животот не застапувал обвинение пред суд, не е способен да ја врши оваа важна правосудна функција, па наместо него беше оставено истражувачки новинари да ја работат работата за која се платени истражителите и обвинителите – што е недопустливо. цр/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан