• петок, 05 декември 2025

Пратеникот Лефков учествуваше во дискусии за парламентарна етика и интегритет во Лимасол

Пратеникот Лефков учествуваше во дискусии за парламентарна етика и интегритет во Лимасол

Скопје, 17 ноември 2025 (МИА) - Пратеникот Миле Лефков, претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во Собранието, учествуваше на повеќе тркалезни маси и сесии на состанокот на Комисијата за правила, етика и имунитети на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кој се одржа во Лимасол, Кипар, од 13 до 14 ноември 2025 година, информираат од собраниската прес-служба.

За време на настанот, пратеникот Лефков имал излагања на двете тркалезни маси посветени на зајакнување на етиката и интегритетот во парламентите и развојот и ревизијата на парламентарните Кодекси на однесување. Исто така, тој активно учествувал во дискусиите поврзани со следењето на 4-тиот круг препораки на ГРЕКО (Групата земји против корупција), со фокус на примери од земјите-членки.

-Учество на пратеникот на високото ниво претставува важен чекор за Република Северна Македонија. Настанот овозможи размена на искуства со парламенти кои имаат развиени механизми за етички надзор, пристап до европски добри практики и унапредување на заложбите за изградба на култура на интегритет и отчетност, се вели во соопштението од Собранието.

Со ваквите активности, Собранието, велат оттаму, ги зајакнува процесите на усогласување со европските стандарди и ја потврдува посветеноста кон развој на модерен и доверлив парламент во служба на граѓаните. сст/са/

Фото Собрание на РСМ

Остани поврзан