Празнична литургија и Бадникова поворка во Тетово
- Празникот Бадник во соборниот тетовски храм денеска почна со Литургија која ја отслужи митрополитот г. Јосиф и свештеници од тетовското архијерејско намесништво.
Тетово, 6 јануари 2025 (МИА) - Празникот Бадник во соборниот тетовски храм денеска почна со Литургија која ја отслужи митрополитот г. Јосиф и свештеници од тетовското архијерејско намесништво.
По литургијата како и секоја година надлежниот владиката г. Јосиф ги благослови децата бадникари кои тргнаа со поворка од соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ пеејќи ја песната Вечниот Бог.
-Подготвени да го пречекаме Христа Господа и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, кој за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение, порача митрополитот.
Откако заврши празничната служба во црквата, се формираше Бадниковата поворка. Од црквата се упатија до плоштадот, па до пазарот и продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па се до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Поворката се движеше и по улица „Борис Кидрич“, покрај Дом на АРМ, зад Центар за култура и назад на плоштадот.
На плоштадот се одржа забава на која настапија дел детскиот хор „Лале“ со диригентката Теодора Ветеровска, КУД „Шара“, Детскиот хор Крешендо на диригентките Марија Пулковска Здравковска и Фотини Георгиадис Кировска и вокалните солистки Јана Глигорова и Јована Богдановска.
Претпладнево во чест на Бадник се благословија кумските лебови и бадникот во манастирот Свети Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица.ас/фф/
Фото: МИА