• петок, 06 март 2026

Прабово: Индонезија ќе се повлече од Одборот за мир на Трамп ако не им помогне на Палестинците

Прабово: Индонезија ќе се повлече од Одборот за мир на Трамп ако не им помогне на Палестинците

Џакарта, 6 март 2026 (МИА) - Индонезискиот претседател Прабово Субианто ги увери локалните муслимански организации дека ќе се повлече од Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп доколку не им се помогне на Палестинците, се наведува во владиното соопштение, цитирано од британските медиуми.

Учеството на најголемата земја со муслиманско мнозинство во светот во Одборот и нејзината одлука да учествува со војници во евентуалните стабилизациски сили во Појасот Газа, предизвикаа критики од експерти и муслимански организации во земјата, кои велат дека тоа е во спротивност со долгогодишната поддршка на Индонезија за палестинската кауза.

Прабово на состанокот со лидерите на овие организации ги повтори своите причини за приклучување кон Одборот, соопшти владината прес-служба.

Прабово ќе се повлече од Одборот доколку тој не ги поддржи палестинските и индонезиските интереси, изјави Ханиф Аталас од „Фронтот на исламско братство“, кој е цитиран во владиното соопштение.

„Претседателот рече дека ако види дека повеќе нема никаква корист за Палестина [...] и дека интересите на Индонезија не се заштитени, ќе се повлече“, изјави Ханиф.

Индонезискиот совет на улеми (највисокото муслиманско религиозно тело во земјата) претходно ја повика Индонезија да го напушти Одборот за мир на Трамп поради вмешаноста на САД во актуелниот конфликт во Иран.

Нахдлатул Улама, најголемата муслиманска организација во земјата, соопшти дека индонезиската Влада би можела да го искористи Одборот за поддршка на деескалацијата на тензиите на Блискиот Исток.

„Индонезија може да изјави дека агендата (на Одборот) е на чекање додека не се постигне  деескалација и почнат мировни разговори во врска со војната меѓу САД и Израел во Иран“, изјави лидерот на организацијата, Јахја Чолил Стакуф, во соопштение објавено од канцеларијата на Прабово.

Сите дискусии во Одборот за мир се прекинати поради војната, изјави претходно шефот на индонезиската дипломатија, Сугионо.сд/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан