• сабота, 23 ноември 2024

По хаваријата на „Макарија“, земјоделците од Росоман и Градско ќе бидат обесштетени

По хаваријата на „Макарија“, земјоделците од Росоман и Градско ќе бидат обесштетени

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Земјоделците од регионот на Росоман и Градско кои претрпеа штети од хаваријата до повторното пуштање вода низ на цевководот „Макарија“, ќе бидат обесштетени преку Интервентниот фонд, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Постапката, како што истакна Николовски, ја води општината.

Според него, се е направено за да се спаси тековната сезона, но и за да продолжи наводнувањето на другите култури, посебно на грозјето. 

-На крајот на мај се случи најголемата национална хаварија во водостопанската инфраструктура. Среќа што немаше жртви. Затоа, сите капацитети беа подигнати на највисоко можно ниво, Влада, претседател на држава, сите институции. Ова беше најсериозен проблем од независноста, па и претходно. Како Министерство веднаш излеговме во пресрет поради финансиската состојба на АД „Водостопанство“ и успеавме во најбрза постапка, за месец и половина, со пари обезбедени од МЗШВ и измена на владина програма, да најдеме соодветно стручно решение. За тоа им се заблагодарувам на Градежниот факултет, на сите вклучени и на изведувачот. Од вчера водата во Макарија е повторно пуштена и покрај непристапноста на пределот. Страшна беше глетката кога веднаш по хаваријата отидовме на терен, но веќе се е средено со мобилизација на сите структури и во делот на Росоман и во делот на Градско. Се е направено за да се спаси тековната сезона, но и за да продолжи наводнувањето кое следи за другите култури, посебно за грозјето. Не се чека следната сезона, туку успеавме за многу краток период овој најголем и најкомплексен проблем да го решиме, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања пред доделувањето грантови на малите дестилерии.

Изјава на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по доделување договори за финансиска поддршка на мали дестилерии. 

Николовски потсети дека во контекст на подршката на овоштарите, откупени се околу 100 000 праска преку Програмата за откуп на овошје и негов пласман до градинките низ земјава, а рекордно се исплатени и сите субвенции.

-Ова е прва година во која до законскиот рок, 30 јуни, се испочитувани исплатите на сите основни мерки и над 10 000 овоштари имаат добиено околу пет милиони евра субвенции. Но, ова е прва и историска година во која ќе следи и авансната, брза и навремена исплата на субвенции, што значи уште една финансиска инјекција за производителите на праска и овошје ќе дојдат во овој регион во октомври, ноември и декември. Производителите на праска, благодарение на владините политики, добиваат прв пат и „зелена нафта“ во највисок износ од околу 6 000 денари по хектар, истакна Николовски.

Санацијата на „Макарија“ е завршена пред планираниот рок, за само месец и половина, за што се обезбедија над 1,3 милиони евра и системот за наводнување стар 50 години, сега е целосно функционален. мч/лв/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан