• среда, 24 јули 2024

По повод двата јубилеја 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години Арт Поинт – Гумно потпишан меморандум за соработка

По повод двата јубилеја 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години Арт Поинт – Гумно потпишан меморандум за соработка

Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Во амбиентот на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт-Поинт Гумно“, во с. Слоештица, Демирхисарско, беше потпишан меморандум за соработка со интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ претставувани од  Ирена Андреевска и Славе Ѓорѓо Димоски.

Поводот за официјализирање на досега неформалната соработка помеѓу двете организации од сферата на уметности што се случи во неделата, на 13 август, беа двата големи јубилеја: 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години Арт Поинт – Гумно.

Со документот дветеорганизации се согласија дека ќе продолжат да соработуваат на проекти за развој на културата, уметноста и книжевноста во руралните средини, како и дека ќе бидат поддршка за младите и за ранливите категории граѓани.

Во име на овој свечен чин се одржа и камерно поетско читање на кое учествуваа поети од земјава, од Хрватска, Грција и од Чешка. На настанот присуствуваа и фотографите од Либеречката школа за фотографија, кои се на резиденцијален престој во Слоештица.

Славењето на 35. издание на Поетска ноќ во Велестово, започна саботата, на 12 август, со откривање на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, на сретсело во Велестово и со интернационално поетско читање „Прелудиум“ во кафе и бар „Шила“ во Охрид на кое настапија осуммина поети од земјава, од Хрватска, од Грција, од Италија и од Фарските Острови.

Официјалното отворање на фестивалот ќе се случи в петок, во Велестово, од 21:00 часот, а програмата ќе опфати настани и на 19 и на 20 август со настап на уште дваесетина учесници. вг/са/

Фото: Арт Поинт Гумно/Поетска ноќ во Велестово

Остани поврзан