• среда, 25 декември 2024

По бурните реакции на студентите, директорот на ДСД  ги отвора вратите на пералните во студентските домови

По бурните реакции на студентите, директорот на ДСД  ги отвора вратите на пералните во студентските домови
Скопје, 4 февруари 2021 (МИА)- По бурните реакции на студентите кои се пожалија дека веќе е неподносливо константното патување до нивните живеалишта само за да ја исперат облеката, директорот на ДСД Виктор Велевски реши да ги отвори вратите на пералните. Тој вели дека како резултат на зголемените настави со физичко присуство на факултетите,  40 отсто од студентските домови се наполниле со студенти, и со тоа се појавила дополнителна потреба од ставање во функција на просториите каде студентите ќе може да се грижат за нивната хигиена. Велевски во разговор за МИА истакнува дека не се консултирал со Комисијата за заразни болести затоа што немало потреба, но и затоа што ќе биле запазени мерките и прописите за заштита од корона вирусот. -Протоколите се за сите исти дали тоа било за студентски домови, факултети, средни училишта или пак основни училишта, ние нема да дозволиме да се прави гужва во делот на достава на облеката, сите студентски домови се обележани во делот на подот за растојание, имаме портирска служба, вработени кои што ќе го регулираат делот на доставување на облеката на студентите кои ќе бидат за перење. Неопходно е на студентите да им ја пружиме и оваа услуга, односно да ги отвориме пералните, во кои секако ке се следи протоколот за заштита од вирусот и ќе има залепено насоки пред секоја перална, изјави тој. Претходно студентите реагираа дека веќе не можат да си дозволат во услови на светска криза да подлежат на дополнителни финансиски трошоци, односно дека веќе е неподносливо константното патување поради затворените перални и дека е време да се реагира. , стои во една од реакциите во студентските групи на Фејсбук. Овие барања беа поддржани и од Младинскиот образовен форум од каде што рекоа дека станува збор за секојдневна потреба на студентите која не треба ни да биде предмет на дискусија, нагласувајќи дека цело време додека во домовите има студенти, мора да бидат отворени и пералните, особено во општествено отежнати услови. - Дефинитивно е потребно да се постават правила и да се регулира користењето на пералните. Од една страна надлежните се обидуваат да превенираат ширење на вирусот, но од друга драстично го намалуваат квалитетот на условите во домовите, вели Петар Барлакоски од МОФ за МИА. Младинскиот образовен форум смета дека уште од самиот почеток требало да се најде друго решение, поточно да се направат протоколи за користење на пералните, а не да се затворат. Директорот на ДСД откако го увиде проблемот со кој се соочуваат студентите вети дека овие барања ќе бидат исполнети и тоа најверојатно до крајот на неделата, откако ќе се набават потребните средства. -Ние постоиме за студентите и секогаш сме расположени да ги разгледуваме сите оние барања кои се во рамки на нашите надлежности, и веќе подготвивме постапка за отворање на пералните, заради тоа што суштината на тие перални е да бидат користени, за да можат студентите да ги извршуваат сите хигиенски потреби, исто така постојат и сушари каде што ќе се сушат алиштата, така да веќе сме во постапка да ги отвориме пералните и се надеваме дека до крајот на неделата ќе бидат обезбедени сите потребни средства за да можат од наредна недела да се отворат и да се стават во функција, информира Велевски за МИА. Нагласи дека на почетокот било сугерирано од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, пералните да не се употребуваат за да нема групирања, меѓутоа дека сега без проблем ќе ги разгледаат можностите да ги отворат и да ги стават во функција. Тој потенцира дека периодов се покажала сериозноста на студентите во делот на запазувањето на мерките и протоколите, и дека поради тоа не се грижи дека би се направила штета со оваа одлука. -Сметам дека досега студентите покажаа комплетна одговорност во спроведување на протоколот за заштита од Ковид-19  во студентските  домови, па оттука мислам дека истиот ќе биде запазен и во пералните. Ќе излеземе во пресрет на секоја иницијатива што би ја повеле студентите. Тука сме да разговараме и заеднички да најдеме решение, соопшти директорот. Запрашан за пералните во останатите студентски домови тој кажа дека тие функционирале и пред коронава се користеле, односно дека во секој студентски дом кој е во надлежност на ДСД Скопје се користеле пералните бидејќи станувало збор за машини набавени пред две години, донација на Министерството за образование. Со оглед на тоа дека на функцијата директор на ДСД Велевски се наоѓа од неодамна, тој сподели и дел од неговите зацртани проектите кои најверојатно ќе бидат одложени поради ковид кизата. -Имам многу идеи, веќе од следна недела имаме средби со неколку наши фирми кои ќе се вклучат во одредени сегменти за подобрување на условите во домовите, мислам дека ќе реализираме голем дел од замислите, искрено имаме многу нефункционални објекти кои што стоеле многу долг период на кои што му треба санација реновирање, Стив е еден од полошите домови и ние веќе имаме готов проект за реновирање на двете згради во Стив, јас информацијата што ја имам од Министерството за образование, заради тоа што тие ја водат постапката за тендерите е дека поради скратени средства заради ковидот ќе се одложи, но ако можеме уште оваа година да почнеме би било супер, исто така други планови се враќање на функција на старите бифеа дури и размислуваме на враќање на бонските продавници, како и развивање на спортскиот дух кај студентите преку изградба на игралишта, изјави Велевски. Кога станува пак збор за условите во студентиските домови од МОФ нагласуваат дека дополнително работат на иницирање на подобрување на студентскиот стандард преку креирање на препораки до надлежните. -Студентите секогаш може да сметаат на поддршката на МОФ кога станува збор за заштитување на нивните права и обврски, но и општо при поддршка на барањата на студентите за подобрување на студентскиот стандард во студентските домови. Впрочем, МОФ во последните две години издаде три истражувања поврзани токму со квалитетот на живот во рамки на студентските домови со кои несомнено го актуелизиравме прашањето на студентскиот стандард и дополнително работиме на негово подобрување преку постојано креирање на препораки до надлежните институции, вели Барлаковски. Директорот Велевски пак, смета дека овој проблем со условите во студентските домови не е од сега, односно дека се провлекува многу години наназад. -Ние може да се пофалиме дека еве овие четири блока во Гоце за краток период беа целосно реновирани, меѓутоа ДСД Скопје покрај проблемите со застарените објекти има проблеми кои се од финансиски аспект, фактури, неплатени долгови, извршни решенија кои што на секој можен начин гледаме навремено да ги сервираме, треба да имаме во предвид и дека работиме со намалени средства, кои што ни ги дотират Министерството за образование секој месец по основ на партиципација, тоа не кочи, но на крајот можам да кажам дека има хумани луѓе кои во студентите гледаат иднина и кои што се спремни да помогнат во реализација на идеите кои ги имаме, нагласи тој. Сепак, според него студентите се оние кои директно влијаат врз брзината на подобрување на условите, затоа што свеста е премногу ниска, па се упропастува се она што е ново, а со тоа вели директорот постојано се троши време на подобрување на уништеното наместо да се сконцентираат на други подобрувања. -Останува на студентите да го зачуваат тоа што е направено, затоа што тоа е нивно, треба секој да го чува студентскиот како што си ја чува собата дома, свеста не е на ниво, ние сме сведоци дека Стив беше еден дел саниран, не реновиран, и за многу краток перод се врати во првобитна состојба како што било претходно и тоа било од студентите направено, е санкционирано ама не е тоа решение, не е во ред затоа што сепак домовите се реновираат од даноците кои што ги плаќаат нивните родители. Накратко кажано свеста кај студените е многу мала, кога народот ќе сфати дека реновирањата се од наши пари, поточно се што се гради во државата е од парите на народот, кога ќе сфатиме дека тоа што се инвестирало треба да се чува за да трае повеќе, би имале поголеми успеси, вели Велевски. На крај заклучува дека доколку сакаме промени мора да го смениме пред се начинот на размислување. -Ние не може да ја достигнеме Европа ако не го смениме менталитетот, начинот на размислување, ние малку сме слаби во тој дел, и мора младите да работат на подобрување на размислувањето,не може да искршите нешто што е платено со парите на вашите родители, а не го чувате како свое. Ако постојано ги одржуваме и санираме штетите не може да се посветиме на големите проблеми, вели тој. Инаку, во пералната студентите освен што ќе ја перат, ќе можат и да ја сушат својта облека. На студентите им следуваат ограничен број на перења со жетони, кои им се даваат секој месец, доколку истите се потрошат се наплаќа по 50 денари од перење. Автор: Симона Србиноска Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан