• сабота, 23 ноември 2024

Почнува судењето на Трамп за наводно силување новинарка пред речиси три децении

Почнува судењето на Трамп за наводно силување новинарка пред речиси три децении

Њујорк, 25 април 2023 (МИА) - Во Њујорк денеска почнува судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп под обвинение дека кон средината на 1990-тите ја силувал новинарката Е.Џин Керол во соблекувалната на стоковна куќа.

Изборот на поротата почнува денеска во федералниот суд во Менхетен.

Поранешната колумнистка на магазинот „Ел“ го обвинува Трамп и за клевета.

Трамп (76) негираше дека ја силувал Керол (79).

Во октомври минатата година Трамп, на неговата платформа „Вистина“(Truth Social) , нејзините обвиненија ги нарече „лаги“ и „чиста измама“.

Тој тврди дека таа сè измислила за да ги промовира своите мемоари, посочувајќи дека „не е негов тип!“, а додаде и дека таа е ментално болна.

Трамп не мора да биде присутен на судењето. Неговите адвокати кажаа дека тој можеби нема да се појави поради безбедносни причини и сообраќајот во градот.

Адвокатите на Керол рекоа дека не планираат да го повикаат како сведок.

Судењето може да трае една или две недели.

Керол тврди дека нејзината средба со Трамп се случила во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“ кон крајот на 1995 година или почетокот на 1996 година.

Таа кажа дека Трамп ја препознал како „онаа советничка“ и побарал помош од неа за купување подарок за друга жена.

Адвокатите на Трамп би можеле да се обидат да го нарушат нејзиниот кредибилитет со тоа што таа не повикала полиција по нападот и дека не зборувала за тоа повеќе од две децении, како и со тоа што не може да се сети на датумот или месецот на нападот.

Керол појасни дека движењето #MeToo ја поттикнало да проговори за немилиот настан. сд/

Остани поврзан