• понеделник, 30 март 2026

Почнува судењето за Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана и ќерката Катја

Почнува судењето за Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана и ќерката Катја

Скопје, 30 март 2026 (МИА) - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почнува судењето за Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана Јовановска, која на 2 март се самоуби заедно со својата 6-годишна ќерка. Јовановски е обвинет за три кривични дела: телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45, односно телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство; загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1; наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски, познат во јавноста по судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежев.

Според Обвинителството, од кривичната пријава, како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година сè до 2 март кога оштетената - сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг, со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, тепал, понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди на целото тело. Овие настани, сега починатата, но и очевидци и други сведоци, ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година.

- На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрвин се заканувал и почнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие, со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди - хематоми на главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството - наведува Обвинителството.

Тој често ја тепал и навредувал, и дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден, по нов бран насилство и закани, жената се вратила дома со детето со намера да си замине. Но, доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, таа извршила самоубиство скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со малолетното дете. фф/мч/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан