• сабота, 23 ноември 2024

Почнува проектот „Крушево и Елбасан призната туристичка дестинација“

Почнува проектот „Крушево и Елбасан призната туристичка дестинација“

Крушево, 27 март 2022 (МИА) - Крушево ја почнува реализацијата на 30 месечниот проект за меѓугранична соработка со Елбасан од Албанија вреден 740 000 евра, од кои 230 000 евра за Крушево, насловен „Крушево и Елбасан, призната туристичка дестинбација“, што ќе значи збогатување на туристичката понуда, главно по авантуристичкиот туризам.

Како што објаснува Татијана Хасану, координатор на проектот „Крушево и Елбасан, призната туристичка дестинација“, наредниов период во двата града ќе се работат проекти, но и ќе биде подготвена стратегијата за привлекување туристи. Се подготвуваат тендерските постапки.

-Пред потпишување сме на договор за ангажирање експерти кои ќе изработат заедничка стратегија за туризмот на овој Регион, Крушево-Елбасан, во која ќе се дефинираат конкретни туристички патеки. Во инфраструктурната компонента, ја подготвуваме тендерската документација за изградба на паркинг-просторот кај Центарот за параглајдинг во Крушево, а истовремено и за изградба на Туристичко-информативен центар во Елбасан и параглајдинг простор за полетувалиште во областа Фјунар. Во Крушево ќе се изгради даунхил патека, ќе се постават 200 лед светилки низ градот кои ќе значат сигурен пристап на туристите до сите културно-историски знаменитости. Ќе се постават и две станици за мерење на квалитетот на воздухот. За промоција, исто така, се подготвуваат тендерските постапки за ангажирање соодветни оператори за интегрирана промоција на регионот како дестинација. Градежните активности во поглед на инфраструктурните зафати почнуваат за околу два месеца, додава Хасану.

Крушево имаше богата продолжена зимска сезона, една од ретките со години поради обилниот снег, а очекува и наредните сезони да ги донесат туристите. Според Томе Христоски, токму проектот за меѓугранична соработка обезбедува одржливост на понудата.

-Покрај тоа што Крушево е меѓу трите светски дестинации, познати и признати за параглајдинг и змејарство, оваа година одиме со проектот „Признаена и посакувана туристичка дестинација“ и препознатлива од ЕУ. Од една страна, ова значи одржливост на проектот и на локалната економија во Крушево, а од друга, проширување на содржините кон авантуристичкиот туризам, како што се „маунтинбајк“ патеките. Овозможуваме подобро и полесно одржување на параглајдинг-настаните, посочи Христоски.

Како што додаде, општите состојби влијаат и на натпреварувањата.

-Ако до пред две години имаше седум меѓународни натпреварувања, годинава очекуваме три до четири, зашто поради кризата ги нема руското и украинското параглајдинг првенство, но затоа се очекуваат англиското, нордијското првенство, подготовките за светското првенство во змејарство, што значи, Крушево ова лето ќе живее во духот на параглајдерството и змејарството. Имаме и бројни манифестации кои ќе обезбедат сите посетители да се чувствуваат и добредојдено и да ги има во голем број наредниот период. Ова лето се организраат многу настани - трета година ќе се одржи пливачкиот маратон, ќе имаме повеќе настани за планинарење, трчање, возење велосипед, манифестацијата „Кога си во Крушево“, традиционалната „10 дена Крушевска Република“, настани поврзани со Тоше Проески, рече градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.ем/бт/

Остани поврзан