• среда, 27 ноември 2024

Почнуваат активностите од проектот за Општинско-корисна работа во Делчево

Почнуваат активностите од проектот за Општинско-корисна работа во Делчево
Делчево, 30 јуни 2022 (МИА) - Почнуваат активностите од проектот Општинско-корисна работа во Делчево. Во рамки на проектот ангажирани се 28 лица, кои денеска ги потпишаа договорите за започнување активности во рамки на Програмата која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2022 година.
Како што информираа од општинската прес-служба, општинско-корисна работа се реализира како дел од проектот „Социјални улуги за сите“ – финансиран од страна на УНДП и проектот „Грижа за стари лица“ со средства обезбедени од СДЦ.
- Од сите ангажирани лица, 4 лица ќе даваат услуги во детската градинка, 6 лица во Дневниот центар за лица со посебни потреби, 2 лица во народната кујна, 8 лица ќе вршат достава на основни намирници кај стари и изнемоштени лица и лица со попреченост, 8 лиц основна нега на стари и изнемоштени лица, услуги кои ќе бидат во рамките на сите активности и во двата проекта. Ќе бидат опфатени што повеќе различни групи на крајни корисници, од деца од претшколска возраст, лица со попреченост, до стари и изнемоштени лица кои ќе добиваат услуги од социјалната сфера, посочија од Општина Делчево.
Договорот со ангажираните лица е во траење од три до девет месеци, со задолжителна обука од три месеци за лицата кои не поседуваат сертификат и исплатен паричен надоместок во бруто- висина од 9.000 денари месечно.
- Вкупниот буџет за проектот „Социјални услуги за сите“ изнесува 1,6 милиони денари од кои средства за плати обезбедени од УНДП во износ од 1,1 милион денари и средства за данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест обезбедени од Општина Делчево и целосно финансирање за две ангажирани лица во износ од 453.600,00 ден. Бројот на директни крајни корисници кај овој проект е 431 лице (стари лица и лица со пореченост, деца од претшколско образование, корисници на народна кујна), додадоа од општината.
Активностите ќе се спроведуваат од 1 јули 2022 до 31 март 2023 година, на територијата на Општина Делчево, како и во партнерските институции ОЈУДГ „Весели цветови“ Делчево и Дневен центар за лица со посебни потреби.
Општинско-корисна работа има за цел на долгорочно невработените лица да им понуди можност за социјална вклученост преку работно ангажирање со скратено работно време- 20 работни часови неделно, со цел стекнување одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот. вс/фф/

Остани поврзан