Почна реконструкцијата на училиштето во карбинското село Таринци
- Почна реконструкцијата на подрачното училиште во село Таринци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели во текот на летниот распуст ќе се работи на целосно подобрување на условите за работа, а новиот објект ќе биде и енергетско-ефикасен, односно ќе се овозможи централно парно-греење на целото училиште.
Карбинци, 12 јули 2023 (МИА) - Почна реконструкцијата на подрачното училиште во село Таринци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели во текот на летниот распуст ќе се работи на целосно подобрување на условите за работа, а новиот објект ќе биде и енергетско-ефикасен, односно ќе се овозможи централно парно-греење на целото училиште.
-Се работи на реконструкција на една од двете подрачни згради во ова училиште, а едната ќе биде предмет на целосно отстранување и изградба на нова зграда споена во една целина, со што ќе имаме едни модерни, нови услови, како што треба да има едно европско училиште. Имено, да споменам дека ова училиште е постаро од 40 – 50 години и за првпат се работи на ново, реконструкција на дел од постоечките згради и ќе добиеме една целина, рече Паунов.
Забележа дека проектот е од особена важност за наставниот кадар и учениците во ова училиште, бидејќи ќе овозможи нови услови за работа Директорката, Наталија Костова вели дека учениците новата учебна година ќе ја почнат во реконструиран објект.
-Во училиштето во село Таринци учат околу 50 ученика. За првпат по долгогодишниот проблем и желбата на сите нас, се реализира реконструкција и изградба на нова училишна зграда која е од голема радост и за учениците и за наставниците, вели Костова.
Инвестицијата е вредна 15 милиони денари со вклучен ДДВ, од коишто 11 милиони денари се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, односно Програмата за диспаритети, а остатокот од 30% е кофинансирање на Општина Карбинци. вдј/aa/
Фото: МИА