Почна реконструкцијата на училиштето во карбинското село Радање
- По 90 години се реконструира училишната зграда во село Радање, во општина Карбинци. Министерот за локална самоуправа Златко Перински заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, го означија почетокот на градежните активности во подрачното основно училиште „Страшо Пинџур’’ каде што учат околу 70 ученици на македонски и турски јазик, од прво до петто одделение.

Карбинци, 23 јули 2025 (МИА) - По 90 години се реконструира училишната зграда во село Радање, во општина Карбинци. Министерот за локална самоуправа Златко Перински заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, го означија почетокот на градежните активности во подрачното основно училиште „Страшо Пинџур’’ каде што учат околу 70 ученици на македонски и турски јазик, од прво до петто одделение.
Перински посочи дека ваквите проекти се јасен показател дека државата инвестира во сите општини и региони. Посебен акцент е ставен на руралните општини.
Вкупната вредност на проектот е 8.946.038 денари, од кои Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година, инвестира 4.500.000 денари, а обезбедени се и 4.446.038 денари од буџетот на Општина Карбинци.
- Покрај овие средства, Општината преку првиот и вториот јавен повик доби приближно 40 милиони денари, за реализација на вкупно пет проекти, изјави Перински.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Паунов информираше дека ќе се прави целосна реконструкција на училишната зграда со модерни услови за едукација во училниците, како и нов систем за греење.
- Многу е значајно да се напомене дека во ова училиште имаме пет паралелки на македонски наставен јазик и две со комбиниран, односно на македонско-турски наставен јазик. Мултиетничко населено место е селото Радање и затоа искучително е важно што се зголемува и бројот на ученици, истакна Паунов.
Преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година се финансирани 38 проекти со вкупна вредност од 87.925.000 денари. Во рамки на оваа Програма се поддржуваат активности за изведба на градби за подобрување на пристапот до инфраструктура на ниво на плански региони и на локално ниво. вдј/бак/
Фото: МИА