Почна редовната настава во реконструираното училиште во карбинското село Радање
- На самиот старт на второто полугодие во учебната 2025-2026 година денеска свечено почна редовната настава во подрачното училиште во карбинското село Радање. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов рече дека по завршената реконструкција на училиштето, која траеше осум месеци учениците и наставниот кадар од денеска имаат современи услови за едукација.
Карбинци, 20 јануари 2026 (МИА) - На самиот старт на второто полугодие во учебната 2025-2026 година денеска свечено почна редовната настава во подрачното училиште во карбинското село Радање. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов рече дека по завршената реконструкција на училиштето, која траеше осум месеци учениците и наставниот кадар од денеска имаат современи услови за едукација. Посочи дека по речиси еден век постоење, училиштето доби нов, модерен изглед, а инвестицијата е девет милиони денари. Учениците, кои денеска ја започнаа новата учебна година во обновениот објект, изразија задоволство, истакнувајќи дека сега ќе имаат современи услови за учење и подобри можности за постигнување резултати.
-Од денес започнува со функционирање новиот реконструиран целосно обновен објект, а тоа е подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во село Радање. Она што е важно за јавноста е дека после би рекол еден век старо училиште, добиваме еден нов модерен објект кој што е целосна инвестиција на Општина Карбинци во вредност од девет милиони денари. Проект кој што го најавувавме извесно време, успеавме да обезбедиме целосна проектна техничка документација и целосно финансирање кој што е на терет на буџетот на Карбинци и денес за волја на вистината во рамките на предвиденот рок од само осум месеци е успешно реализиран и денес свечено го отвораме и пуштаме во употреба за учениците од село Радање, но и за наставниот кадар кој што ќе работи овде - изјави Паунов.

Директорката на ООУ „Страшо Пинџур“-Карбинци, Наталија Костова упати благодарност до општината за реализација на овој проект.
-Нема поубав момент од овој, гледајќи ги среќните лица, пред се на ученциите и на вработените. Знаеме претходно во какви услови работеа и твореа, а сега се создадение едни модерни, современи услови, во кои ќе постигнуваат поголеми резултати - рече Костова.
Инаку, во централното училиште „Страшо Пинџур“ и девете подрачни училишта учат над 400 ученика. вдј/са/
Фото: МИА