• среда, 25 декември 2024

Почна „ОФФест“, вечер настапи на „Бои Аки“ и „Куту“

Почна „ОФФест“, вечер настапи на „Бои Аки“ и „Куту“

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - По синоќешното отворање на 23. издание на „OFFest“ со настапот на „BOMBINO“ и на „BCUC“ (Bantu Continua Uhuru Consciousness), вечер фестивалот продолжува со микс од индиски и африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH (БОИ АКИ), во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер група KUTU (КУТУ). 
 
Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија и тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот - од модерниот џез до класичната индиска музика. 

- Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот, велат организаторите.
 
КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди го открива симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд. Заедно, се впуштаат во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.

- Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови, наведуваат организаторите. бак/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан