• среда, 25 декември 2024

Почна кампањата „Подај рака и промени живот - стани згрижувач“ - потребен поголем број на згрижувачки семејства

Почна кампањата „Подај рака и промени живот - стани згрижувач“ - потребен поголем број на згрижувачки семејства
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - По повод Денот на згрижувачките семејства, денеска започна кампањата „Подај рака и промени живот - стани згрижувач“, што ја спроведуваат СОС Детско село и Министерството за труд и социјална политика, во соработка со сите други институции инволвирани во системот за згрижување. Кампањата започна попладнево во Скопје, а деновиве ќе продолжи и во 25 други населени места, меѓу кои и Валандово, Велес, Штип, Кавадарци и Неготино. Во државава, како што информира државниот секрертар во Министерството за труд и социјална политика Ресми Ејупи, има околу 350 згрижувачки семејства кои се грижат за околу 600 корисници. - Кампањата има за цел да го промовира згрижувањето, односно да поттикне се поголем број граѓани да станат згрижувачи на децата без родители, за да може секое дете да расте во безбедно семејно опкружување исполнето со љубов, истакна Ејупи, кој со своето воведно обраќање го означи почетокот на кампањата. Во државата, вели тој, се потребни поголем број на згрижувачки семејства за да може секое дете кое има потреба да биде згрижено во семејна средина. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска изјави оти верува дека низ оваа кампања ќе успеат да ја подигнат свеноста, односно да изнајдат начин како на секое дете на кое му е неопходно семејство, да му се пружи потребната грижа. - Со кампањата сакаме да се подигне свесноста кај сите граѓани, особено во Град Скопје за што значи да си згрижувач, дека на таков начин секое едно дете на кое му е неопходна родителската грижа и љубов која можеби ја нема поради некои услови во коишто е затекнато, верувам имаме начин да укажеме дека може и секој еден човек кој има таква желба и сака да помогне, дека ќе може да помогне на тој начин што ќе стане згрижувач, односно со своето семејство ќе пружи топол дом на секое дете на кое тоа му е неопходно, рече Арсовска. Преку оваа кампања, како што соопшти директорката на СОС Детско село Јулијана Гапо, ќе ги повикаат граѓаните да ги отворат своите домови и да помогнат да се згрижат многу деца на кои тоа им е потребно. - Зошто е важно ова? Бидејќи во нашата држава во моментов има 353 згрижувачки семејства, меѓутоа тоа е далеку од тоа што е доволно. Многу деца имаат потреба да ја променат својата форма на згрижување, имаат потреба од љубов, од топол дом и од грижа. Сите граѓани ќе можат од сега па натаму полесно да дојдат до информации, да се запознаат со тоа како се станува згрижувач. Секој кој е полнолетно лице од 18 до 62 години може да ги исполни тие услови и може да згрижи дете или повеќе деца, рече Гапо. мс/сп/

Остани поврзан