• среда, 22 април 2026

Почна втора фаза од реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово

Почна втора фаза од реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово

Куманово, 20 април 2026 (МИА) - Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово, при што моментално се работи на отстранување на постојната асфалтна конструкција и рабниците по целата ширина на коловозот. Градежните активности на терен на улицата „Моша Пијаде“ се одвиваат со засилена динамика, а по завршување на оваа фаза ќе следува изградба на атмосферска канализација, како дел од поширокиот инфраструктурен зафат.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека проектот е финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт.

- Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улица „Моша Пијаде“. Активно се работи на отстранување на постојната асфалтна конструкција и рабниците по цела ширина на улицата, по што следува и изградба на атмосферска канализација. Проектот е финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт- кажа Димитриевски.

Во рамки на проектот, Општина Куманово располага со околу два милиона евра обезбедени од Светска банка. Досега се реализирани околу 1,3 милиони евра, додека преостануваат приближно 700.000 евра за завршување на планираните активности.

Проектот опфаќа реконструкција на фекалната и водоводната мрежа на дел од улицата, во должина од околу 490 метри,  од почетокот на улицата до крстосницата со „Пиринска Македонија“. Дополнително, со средства од буџетот на Општината се финансира уредувањето на подземната инфраструктура, вклучително и атмосферската канализација, која ќе се реализира во две фази, како и реконструкција на постоечката мрежа долж целата улица во должина од 1.400 метри. ам/вј/

Фото: Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан