• петок, 27 декември 2024

Почна асфалтирањето на кружниот тек кај локалитет Серава, Куманово

Почна асфалтирањето на кружниот тек кај локалитет Серава, Куманово
Куманово, 9 јуни 2022 (МИА) - Почна асфалтирањето на кружниот тек кај локалитетот Серава во Куманово, информираа денеска надлежните. По реакција на граѓаните дека коловозните ленти не соодветствуваат со просторот, извршена е корекција и проширени се сообраќајните ленти.
-Во тек е асфалтирање на првиот слој на кружниот тек на раскрсницата „Трета МУБ“ и улицата „Гоце Делчев“ локалитет Серава по претходна извршена корекција на планот и изведено проширување на коловозните ленти, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Претходно, заврши проширувањето на улицата „Гоце Делчев“ која води кон крстосницата на булеварот „Трета македонска ударна бригада“ и до улицата „Бајрам Шабани“. На тендерот за изградба на овој кружен тек по претходно објавен оглас на општината се пријавиле две компании, избрана е кумановската „КООП ИНЖЕНЕРИНГ“. Општината од буџетот одвои 14 милиони 997 илјади 800 денари со вклучен ДДВ за реализација на проектот, стои во склучените договори на електронскиот систем на јавни набавки. Договорот е склучен на 23 март, годинава. Во моментов, интензивно се гради втор кружен тек на локација кај Митев мост помеѓу двата булевари „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“, за што од општинскиот буџет се одвоени над 35, 8 милиони денари, чија изградба се очекува да заврши до средината на летото. За првиот кружен тек, изграден пред две години Куманово одвои над 20 милиони денари. Кумановци пак реагираат дека поради речиси истовремената изградбата на двата кружни тека во Куманово на булеварите се оптоварува сообраќајниот метеж и се успорува сообраќајот на овие две крстосници.ам/

Остани поврзан