• среда, 25 декември 2024

Почнаа училишните спортски игри во Општина Центар

Почнаа училишните спортски игри во Општина Центар
Скопје, 25 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска официјално ги прогласи за отворени „Училишните спортски игри“  и во оваа пригода ги поздрави присутните гости и сите учесници во натпреварите. Спортската манифестација почнува со денешниот натпревар по кошарка во ООУ „11 Октомври“. - Се надевам дека со овие училишни лиги ќе го подигнеме спортскиот дух кај основците и ќе го поттикнеме пријателскиот однос меѓу нив. Очекувам некој од вас да стане професионален спортист кој во блиска иднина ќе ги брани боите на нашата државна репрезентација, како што тоа го прават некои наши поранешни ученици и стипендисти, изјави Герасимовски. Тој, во рамки на денешното отворање на училишните спортски игри, ги додели и стипендиите за спорт на учениците добитници. Герасимовски на учесниците на спортските игри им посака успех, а на крајот на училишната година заедно да ги слават победите и заедно да им се радуваат на успесите. Училишните спортски игри во осумте основни училишта во Општината, се спроведуваат во натпревари во четири спортови: кошарка, ракомет, фудбал, одбојка за девојчиња и шах. - На крај на натпреварите ќе бидат прогласени најдобрите стрелци и играчи од секоја спортска дисциплина, а најдобрите екипи во своите училишта ќе однесат и медали и пехари, известуваат од општина Центар. Оттаму потенцираат дека Општина Центар ќе продолжи да го поддржува спортот и здравиот развој на сите деца. ир/сп/

Остани поврзан